На приемот во Белата куќа по повод американскиот празник, Денот на воените ветерани, претседателот Буш порача дека Ирак мора да се разоружа и дека ирачката закана е итна задача за САД и нивните сојузници.
Американскиот претседател кажа дека минало времето за игри и дека ирачкиот претседател Садам Хусеин не смее повеќе да се спротивставува на меѓународните повици за разоружување.
„Владата на САД и ОН како претходно, така и сега, имаат иста определба дека ирачкиот режим не смее да произведува ниту да поседува хемиско, биолошко или нуклеарно оружје“ рече претседателот Буш.
На церемонијата во Белата куќа во чест на воените ветерани, господинот Буш говореше за предизвиците со кои се соочува Америка на почетокот на новиот век. Тој кажа дека е јасна опасноста што доаѓа од Ирак и уште еднаш предупреди дека САД се подготвени да дејствуваат: „Садам Хусеин целосно ќе се разоружа и ќе докаже дека тоа го сторил, или во спротивно, Америка ќе застане на чело на коалиција што ќе го разоружа“.
Председателот пред ветераните-гости на Белата куќа вети дека доколку ваквата акција стане неопходна, тој ќе ја употреби сета моќ на американската армија, и дека на крајот САД ќе извојуваат победа.