Линкови за пристапност

Форум во Вашингтон: поделено Косово - најдобро решение? - 2002-11-11


На деновиве одржаниот форум во Вашингтон, во организација на Центарот Вудроу Вилсон, се водеше дискусија за американските витални интереси на Балканот, со акцент на иднината на Косово.

Дамјан де Крњевиќ-Мишковиќ, уредник на списание за надворешна политика што излегува во Вашингтон, кој инаку по потекло е Србин, верува дека односите меѓу САД и Србија ќе се подобрат со самиот факт дека сега републиканците имаат контрола врз американскиот Сенат. Тој предвидува набрзу да бидат воспоставени нормални трговски односи меѓу двете земји, со оглед на тоа дека некои демократи, кои не беа најблагонаклонети кон Србија, сега ќе имаат помало влијание во Конгресот.

На форумот учествуваше и Џон Халсман од про-републиканската истражувачка организација, Херитиџ Фаундејшн, со седиште во Вашингтон. Тој смета дека администрацијата на претседателот Буш сака да го намали бројното американско присуство на Балканот што остана во наследство од владата на претходниот претседател Клинтон. Г-динот Халсман мисли дека САД немаат витални интереси на Балканот. Треба да се најде решение за граничните проблеми и останатите прашања, но во рамки на регионот, со тоа што САД само би помогнале во дијалогот меѓу поранешните завојувани страни.

„Да се каже што би се толерирало и зошто во однос на промени на границите и популацијата. Се, или можеби ништо, и над се, зошто? Потоа, како би реагирале на таквите нешта? Тоа би била политика според принципот - морков на стап и мислам дека САД можат тоа да го организираат, но повторувам дека сите решенија треба да дојдат одвнатре“, вели Џон Халсман.

Според г-динот Крњевиќ-Мишковиќ, можно е Србите да прекинат да се противат на независноста на Косово, доколку дојде до модификација на границите на оваа покраина.

„Доколку постои начин Косово да се подели во некои цивилизациски рамки, при што би била повлечена една навистина чудна граница која ја гарантира меѓународната заедница, тоа во суштина би ја поделило провинцијата. Што се однесува до територијата, Србите, да речеме, да добијат 10 или 15 проценти од Косово, што го инкорпорира северниот дел, каде поголемиот дел од населението се Срби, и што е најважно, таму се наоѓаат некои од историските обележја кои се битни за нив. Во замена за тоа, Албанците да добијат независност, при што би имале контрола врз останатите 85 проценти од косовската територија и врз сите поголеми популациони центри. Ова изгледа како најрационален, најразумен, а можеби дури и емоционален начин за справување со овој проблем“, смета Дамјан де Крњевиќ-Мишковиќ.

Г-динот Крњевиќ-Мишковиќ верува оти американските интереси на Балканот се ограничени на тоа да се спречи регионот да стане бастион на муслиманскиот фундаментализам или извор на извоз на оружје. Тој за неодамнешното откритие дека Србија извезувала воена опрема во Ирак кажа дека претставува мошне сериозен проблем, но сепак се надева оти властите во Белград се решени да ја елиминираат нелегалната трговија со оружје и дека енергично ќе ги гонат одговорните.

XS
SM
MD
LG