Кога во јануари следната година ќе биде конститутиран новиот состав на Конгресот, републиканците за првпат во последните 50 години истовремено ќе имаат контрола и врз Белата куќа, и врз Сенатот и Претставничкиот дом. На овие избори се гласаше за сите 435 места во Претставничкиот дом, за 34 места во Сенатот и за 36 мандати гувернер на американските федерални држави. Членовите на Претставничкиот дом се избираат на мандат од две, а сенаторите на шест години.
Портпарол на Белата куќа изјави дека се работи за историски резултат, со оглед на фактот дека по традиција, партијата на власт во Белата куќа губи на конгресните избори што се одржуваат на половина од претседателскиот мандат. Претседателот Буш ја искористи својата голема популарност за да се вклучи активно во кампањата за овие избори. Тој неколку недели пред изборите континуирано учествуваше на предизборни митнизи на републиканските кандидати ширум земјата.
Се очекува оваа изборна победа на републиканците да му помогне на г-динот Буш да ги протурка легислативните приоритети, како формирањето на Одделот за домашна безбедност, и понатамошното намалување на даноците.
Републиканците, според последните и неконечни изборни резултати, имаат барем 51-но место во Сенатот составен од 100 членови, а во Претставничкиот дом од вкупно 435 освоија 227 места.
Во гувернерската изборна трка, републиканците освоија 24 од вкупно 50 места. Демократите освоија 20 гувернерски места, додека за останатите се уште се чекаат конечните резултати. Џеб Буш, братот на претседателот Буш, победи на изборите за гувернер во Флорида, со што по вторпат едноподруго се најде на чело на оваа федерална држава, чии гласови, инаку, и ги решија претседателските избори во 2000-та година.