Линкови за пристапност

Tурските гласачи и дадоа поддршка на партија со корени во политичкиот Ислам - 2002-11-04


Партијата за правда и развој вели дека нејзиното извршно тело во вторник ќе одржи состанок, на кој ќе се разговара за тоа кој ќе биде наредниот турски премиер. На харизматичниот партиски лидер, поранешниот градоначалник на Истанбул, Реџеп Таип Ердоган му е забрането да извршува државна функција поради обвинението од 1998-ма година дека поттикнувал религиозна омраза.

Наспроти исламистичките корени, Партијата за правда и развој себе си се нарекува модерна конзервативна партија, истакнувајќи дека повеќе се интересира за социјална правда отколку за религијата. На прес- конференцијата по победата во неделата, господинот Ердоган вети дека ќе го одржува секуларниот Устав на Турција.

Сепак, турските политички, воени и деловни кругови со сомнеж гледаат на оваа партија, а некои дури се соменваат дека таа поддржува скриена исламистичка агенда.

Догу Ергил, професор по политичка социологија на Универзитетот во Анкара вели дека Партијата за правда и развој веројатно нема да инсистира на прашања како што е да им се дозволи на жените да носат марами во владините институции и универзитетите. Професорот Ергил вели дека партија ги тестирала своите членови пред изборите и дознала дека само за малкумина верските прашања се на врвот на листата на нивни грижи.

„Само 2,8 проценти од членовите на Партијата велат дека сакаат систем, животен стил, базиран на религиозни принципи. Во таа смисла Партијата за правда и развој, не може да го претставува политичкиот исламистички правец. Тие велат дека ја почитуваат религијата, но таа нема да биде водечка во нивната политика“, вели господинот Ергил.

Со освојувањето на 34 проценти од вкупниот број на гласовите и 363 од вкупно 550 места во Парлементот, Партијата за правда и развој е првата турска партија во изминатата деценија која самата ќе може да формира влада, без да биде присилена да влегува во комплицирани коалиции.

Другата партија која успеа да влезе во законодавниот дом е исклучително секиларната Републиканска народна партија која доби 19 проценти од гласовите и ќе има 178 места во Парлементот. Ова партија вети дека ќе биде конструктивна опозиција на Партијата за правда и развој.

Незадоволството кај гласачите од владејачката политичка гарнитура која се сметаше за неефикасна и корумпирана, и даде неприкосновен мандат за промени на Партијата за правда и развој. Во овој најтурбулентен период од модерната историја на земјата, Турците не им овозможија на сите традиционални партии да влезат во Парламентот.

На Партијата за правда и развој допрва и претстојат големи искушенија. Таа нема големо искуство во владеењето, обвинителството сака да ја стави вон закон, а влијателните армиски кругови внимателно ќе го следат секој нејзин чекор.

XS
SM
MD
LG