Господинот Шарон денеска одржа уште една рунда преговори со ултра-десничарската Национална Унија, Партијата Израел Бејтени. Ако тие се согласат да му се придружат, со нивните седум пратенички места, Владата на Шарон ќе добие тесно мнозинство од само два гласа во парламентот.
Господинот Шарон ја прифаќа идејата за можна палестинска држава, но Националната Унија е против. Израелскиот премиер најави дека нема да ја менува својата политика по тоа прашање само за да добие нов коалиционен партнер.
Вчера, поранешниот израелски премиер и политички противник на Шарон, Бенјамин Нетанјаху се согласи да биде нов министер за надворешни работи, под услов Владата да распиште вонредни избори.
„Ако не одиме на вонредни избори, оваа Влада тешко ќе опстане. Нема да може да ги спроведе економските реформи за кои верувам дека се неопходни за да се спаси израелската економија“, рече господинот Нетанјаху.
Во кабинетот на господинот Шарон велат дека се разгледува овој предлог, но во извештаите на израелските медиуми се наведува дека премиерот веројатно нема да прифати предвремени избори.
Коалицијата на Шарон се распадна минатата недела, кога умерената Партија на трудот излезе од Владата заради несогласувања околу финансирањето на еврејски населби на палестински територии.
Во меѓувреме, групата за човекови права Амнести Интернешенел ја обвини израелската армија за воени злосторства за време на упадите во градовите на Западниот Брег, Џенин и Наблус во април. Амнести Интернешенел вели дека армијата убивала цивили, мачела затвореници, уништувала куќи и ја попречувала хуманитарната помош. Армијата најави дека нема да ги коментира обвиненијата се додека не го разгледа целиот извештај.