Американски владини претставници велат дека на САД не им било кажано однапред дека во операцијата на руските командоси ќе биде употребен гас, и затоа, американската влада побарала дополнителни информации. Но, портпаролот на Стејт Депратментот, Ричард Баучер, подвлекува дека властите во Москва биле соочени со тешка дилема и дека немало лесен излез од ситуацијата: “Ужасно е што толку многу луѓе ги загубија животите. Би потсетиле, меѓутоа, дека сето тоа започна како резултат на терористичка акција. Сега наеднаш да се свртите против Русите, кои беа пред дилема и пред тежок избор, мислам дека тоа не може да се направи пред да се добијат повеќе нформации“, изјави Баучер. Американски владини претставници претходно сооштија дека веруваат оти руските безбедносни сили употребиле гас од наркотичка природа во спасувачката акција и дека со тоа веројатно не била прекршена меѓународната Конвенција за хемиско оружје од 1993 година, со која се забранува употребата на отровни или нервни гасови. Господинот Баучер информираше дека од трите Американци за кои се смета дека биле меѓу заложниците, еден американски државјанин и еден постојан американски жител се наоѓаат во болница во Москва, а било пронајдено и телото за кое се верува дека е на третиот американски државјанин, кој наводно починал од последици од гасот. Се уште се чека на потврда на идентификацијата. Изразувајќи сочуство заради тешкотиите на кои наидоа руските власти поради заложничката ситуација, портпаролот Баучер го повтори американскиот став дека не е можно воено решение на чеченскиот конфликт. Тој кажа дека двете страни треба да покажат воља - преку дијалог и на политички начин да го решат прашањето, како и дека чеченските водачи треба решително да се откажат од терористичките акти.