Линкови за пристапност

Снајперистот:  Вашите деца не се на безбедно - 2002-10-23


Страотното предупредување наводно било содржано во писмото до полицијата, оставено на местото на убиството во саботата, што се случи во близина на градот Ричмонд, федералната држава Вирџинија. Властите претпоставуваат дека писмото го оставил снајперистот одговорен за серијата напади во и околината на Вашингтон, во кој беа убиени девет, а сериозно ранети три лица.

Предупредувањето пред новинарите го прочита првиот човек на истрагата во овој случај, командирот на полицијата во федералната држава Мериленд, Чарлс Мус: „Ние ја уважуваме загриженоста на населението и поради тоа го објавуваме точниот текст на пораката што содржи закана: Текстот е поместен во пост скриптум на пораката и гласи: Вашите деца не се на безбедно, каде и да се, во кое и да е време“.

Според непотврдените медиумски извештаи, во пораката до полицијата се бараат и пари - 10 милиони долари. Барањето, наводно е парите да бидат префрлени на снејперистот по електронски пат. Во очигледен обид да комуницира со снајперистот, командирот Мус вчера изјави дека полицијата не може да го стори тоа:

“Ја разгледавме можноста што ја наведе и утврдивме дека не е можно по електронски пат да постапиме како што побара. Меѓутоа, остануваме отворени и подготвени да зборуваме со тебе за опициите што ги спомена“, кажа првиот човек на полицијата во Мериленд. Тој воедно го повика убиецот повеќе да не повредува никого и повторно да се обиде да стапи во контакт.

Додека чека на податоците од балистичката истрага, полицијата го третира најновото убиство од вторникот како да е дело на снајперистот. Конрад Џонсон, 35-годишен возач на автобус бил погоден со еден куршум под градите додека стоел на вратата на автобусот во предградие на Мериленд, северно од Вашингтон.

Снајперските напади сеат страв, но истовремено предизвикаа и гнев меѓу жителите на Вашингтон и околината. Нападите доминираат на програмите на електронските медиуми и на насловните страници на печатот во САД. Многумина локални жители велат дека сега размислуваат двапати пред да појдат во продавница, да наполнат гориво, или да ги одведат децата на училиште.

XS
SM
MD
LG