Линкови за пристапност

Преговори во Женева за контрола на тутунот - 2002-10-18


Претставниците на Светската здравствена организација велат дека шверцот со цигари е најпроширен во светот. Тие исто така додаваат дека, според Светската банка, шверцуваните цигари учествуваат со шест проценти во вкупно конзумираните цигари во светот. Речиси една петина од цигарите се извезуваат, а околу третина од тој извоз, или 355 милијарди цигари годишно, завршуваат на црниот пазар.

Претставниците на Светската здравствена организација ги обвинуваат главните тутунски компании за поголемиот дел од шверцот. Тие велат дека компаниите профитираат на два начина: Им овозможува да го зголемат уделот на пазарот и да избегнат милијарди долари во даноци што владите ги поставуваат на цигарите.

Лук Џосенс е главен советник на здравствената агенција во врска со проблемот со шверцот. Вчера во Женева доктор Џосенс ги предупреди американските тутунски компании дека мора да бидат свесни оти милијарди од нивните цигари се шверцуваат.

„Како можете да замислите дека цигарите се извезуваат и дека индустријата не знае каде одат, а секој месец цигарите се појавуваат на специфичен пазар? Конечната пресуда дали индустријата е соучесник или не, не треба ние да ја кажеме. Но има показатели дека тие знаат што се случува. Сепак, конечната одлука дали тие се соучесници треба да ја донесе судот“, истакна господинот Џосенс.

Тој исто така ги оспори тврдењата дека шверцот со цигари е проблем кој ги погодува само државите со големи даноци на тутун. Доктор Џосенс посочи дека шверцот е голем проблем во Африка, и покрај фактот што таму цените се генерално пониски во споредба со повеќето делови од светот.

Светската здравствена организација предлага неколку мерки за борба против шверцот со цигари. Таа бара, меѓу другото, построги лиценци за сите тутунски производи и поголем надзор на дистрибуцијата на цигари. Оваа организација вели дека ако државите во светот соработуваат во имплементацијата на овие мерки, тие ќе спасат милиони животи, а ќе заработат и милијарди долари од даночни приходи.

Во изјавата поднесена на разговорите за тутун во Женева, компанијата Филип Морис, инаку најголемата тутунска компанија во САД, негира секаква вмешаност во шверцерски операции. Филип Морис вели дека прекинала неколку релации купувачи-дистрибутери, чие сметководство и контрола биле неадекватни.

XS
SM
MD
LG