Линкови за пристапност

Нема сигурен начин за спречување на иден терористички напад врз САД, велат претставници на американските агенции за безбедност - 2002-10-18


Петте недели на јавни сослушувања од комисиите на Сенатот и на Претставничкиот дом, исто како и сослушувањата зад затворени врати, не донесоа специфични докази за пропустите кои дозволиле да се случат настаните од 11-ти септември.

Меѓутоа, истрагата резултираше во некои општи заклучоци, како на пример, слабостите во собирањето на разузнувачки податоци. Еленор Хил е директор на панелот од двата дома, што ги спроведе сослушувањата.

„Иако поединости за нападите од 11-ти септември не беа познати пред тие да се случат, некои релевантни информации биле достапни во летото 2001-ва. Значењето на тие информации не беше увидено и како резултат на тоа, информациите не беа споделени навреме во рамки на разузнавачката заедница и со други федерални агенции“, вели госпоѓата Хил.

Зборувајќи многу подолго од десетте минути кои му беа дадени, директорот на ЦИА, Џорџ Тенет ја бранеше работата на својата агенција. Признавајќи ги грешките, тој кажа дека агенцијата имала и многу успех, и не секогаш тоа јавно се објавувало.

„Американската разузнавачка агенција нема да можеше да биде толку успешна како што беше примерот со Авганистан, и да се ангажира на ниво без преседан во светот, ако беше слаба, како што некои сакаат да ја претстават. Важно е американскиот народ да знае дека и покрај огромниот успех што го имавме минатата година, односно последните неколку години, Ал-Каида продолжува да планира и ќе се обиде да спроведе повеќе смртоносни напади против нас“, истакна господинот Тенет.

Директорот на Федералното Истражно Биро, Еф-Би-Ај, Роберт Милер кажа дека агенциите направиле потези за подобрување на споделувањето на информациите, и дека се реорганизирале за пресретнување на нови терористички закани. Но, тој кажа дека на 11-ти септември мора да се гледа преку призмата на оперирање на Ал-Каида.

„Верувам дека контекстот во кој 19-те поединци беа во можност да дојдат во САД и да ги искористат слободите што оваа земја ги нуди, како и да оперираат без да бидат откриени, е важен за целосно да се разбере како се случи овие напади успешно да бидат изведени“, вели господинот Милер.

За извештајот што треба да уследи по сослушувањето републиканскиот сенатор Ричард Шелби кажа дека тој треба да содржи не само што е научено од грешките, туку и да се спомене посветеноста на оние кои работат во тие агенции.

„Откривме многу инстанци каде нашите разузнавачки агенции потфрлија. Откривме исто така дека има многу посветени и неуморни Американци кои одлично ги извршуваат своите должности. Американците треба да знаат дека таквите се правило, а не исклучок“, истакна сенаторот Шелби.

Освен извештај, се планира и формирање на независна комисија која ќе ги испита терористичките напади од 11-ти септември. Белата Куќа и Конгресот се уште се договараат за деталите.

XS
SM
MD
LG