Линкови за пристапност

Уште една жртва во околината на Вашингтон - 2002-10-15


Како и претходните, така и последната жртва извршувала секојдневни активности, во овој случај купувала во продавница за опрема за домаќинство во предградие на Вашингтон. 47-годишната Линда Френклин синоќа беше убиена на паркиралиштето пред продавницата.

Од почетокот на овој месец, таинствениот снајперист уби девет, а сериозно рани две лица во Вашингтон и неговата околина.

Шефот на полицијата од областа Феарфакс, каде се случи последното убиство, Том Мангер кажа дека балистичките наоди дефинитивно покажале дека и последниот напад е извршен од снајперистот.

„Има уште информации што ќе можеме да ги добиеме од синоќешниот случај и убеден сум дека тие на крајот ќе доведат до апсење во овој случај“, вели господинот Магнер.

Жителите на Вашингтон и околината најповеќе ги загрижува фактот дека снајперистот сега редовно напаѓа на секои ден-два, и тоа по случаен избор. Тоа предизвика откажување на училишните активности на отворено, и ги присили жителите да ја преиспитаат сопствената безбедност при рутинските работи како што се купувањето и полнењето гориво.

„Ние со децата не одиме во парк“, вели еден жител на Вашингтон. Според друг, сите се повнимателни при полнењето гориво и луѓето многу повеќе се вртат наоколку кога се на отворено.

„Дефинитивно ме прави нервозен. Се надевам дека тој набрзо ќе биде фатен, а доколку тоа не се случи, поголемиот дел од времето ќе мора да го минуваме во затворени простории“, смета уште еден Вашингтонец.

Досега никој не е притворен во врска со убиствата и истражителите во јавноста не изнесуваат многу информации за тоа кој би можел да биде убиецот. Чарлс Мус, шефот на полицијата во областа Монтгомери, на север од Вашингтон, вели дека во интерес на истрагата, полицијата ќе продолжи во ист стил.

„Времето го поминуваме со сведоците. Имаме извесен напредок. Може да се почувстува неспокојството кај луѓето. Тие сакаат одговор, бараат фото-робот на убиецот. Но, ние од оваа гледна точка не можеме да им кажеме“, вели господинот Мус.

Истражителите веруваат е дека убиецот продолжува со нападите врз жртвите од далечина со моќно воено оружје или со ловечка пушка, веројатно од бело комбе. Снајперистот досега остави многу малку траги зад себе, освен пораката испишана на тарот карта на местото на еден од нападите минатата недела, која гласи: „Драг полицаецу, јас сум Господ“.

XS
SM
MD
LG