Линкови за пристапност

Ирачките соседи неодлучни во поддржување на нов напад врз Ирак - 2002-10-15


Арапските лидери се надеваат дека ќе одвратат уште една скапа војна, со тоа што би го убедиле Садам Хусеин да дозволи непречена инспекција за оружје од страна на ОН.

Јорданскиот министер за надворешни работи, Марван ал-Муашер се сеќава на Војната во заливот од 1991-та година, што предизвика поплава од ирачки бегалци преку границите.

„Очигледно способноста да се справиме со голем број бегалци е крајно ограничена и се надеваме дека нема да дојде до тоа, зашто не би биле во состојба да примиме повеќе бегалци во земјата“, вели господинот Ал Муашер.

Но, ако избувне војна, се очекува Јордан да и помогне на американската армија. Јорданскиот крал, под притисок на противењето во јавноста, не ја поддржа Заливската војна во 1991-та.

Раководителот на Советот за блискоисточна политика во Вашингтон, Чарлс Фриман, вели дека соработката со американската влада за многу арапски држави е меч со две острици. Господинот Фриман беше американски амбасадор во Саудиска Арабија за време на Војната во заливот.

„Дилемата за владите во регионот е што тие од една страна имаат императив за одржување на добри односи со САД од причини што ги засегаат: надворешната политика, националната безбедност, и опстанокот на режимите. Од друга страна, тие се соочени со јавност која фундаментално се спротивставува на американската политика“, вели господинот Фриман.

Аналитичарот на нафтената политика, Наваф Обаид, вели дека кралските лидери на Саудиска Арабија се уште се соочени со непријателството на племенските и верските лидери во врска со американското воено присуство на нивна териториија.

„Ќе биде многу тешко за саудиската влада јавно да биде сметана за премногу блиска со САД. Но, доколку со Садам Хусеин се постапи како треба, тогаш трупите на САД нема зошто да останат во Саудиска Арабија“, смета господинот Обаид.

Тој вели дека за саудиските и другите арапски лидери ќе биде многу полесно да ја поддржат војната против Ирак доколку постои поддршка и од ОН.

За жителите на Кувајт, кои се сеќаваат на ирачката инвазија во 1990-та година, безбедноста е најважна.

Раководителот на Центарот за стратешки студии на Кувајтскиот универзитет, Шафик Габра, смета дека лидерите од Заливот исто така се загрижени од тоа што ќе уследи по Садам Хусеин.

„Доколку Америка влезе таму и го смени поредокот, не остане доволно долго и не се посвети на обнова на државата, тоа ќе го остави Ирак без можност да се опорави и да се демократизира, што ќе создаде многу други негативни аспекти“, истакна господинот Габра.

Професорот Габра вели дека многу зависи од тоа колку ирачките соседи самите се способни за промена.

Турција јасно кажа дека ќе се спротивстави на ирачко-курдските обиди за независност што би се рашириле преку ирачките граници. Саудиска Арабија со претежно Сунитски Муслимани ги следи движењата на иранското шиитско раководство за ширење на влијанието врз југот на Ирак, каде населението е претежно шиитско.

Но, долгодишните набљудувачи на ситуацијата на Блискиот Исток, како што е Џефри Кемп од Центарот Никсон, гледаат потенцијални добри страни во крајот на тиранијата на Садам Хусеин.

„Во анализите со најдобар исход, мислам дека ова може да го зголеми притисокот врз арапскиот свет за реформа што би била многу подобра доколку дојде од страна на самите Арапи“, вели господинот Кемп.

Господинот Кемп во тој контекст посочува на реформи што во моментот се одвиваат во некои заливски земји и во рамки на Палестинската управа.

XS
SM
MD
LG