Линкови за пристапност

Дебата во САД: Унилатерален или мултилатерален пристап во однос на Ирак? - 2002-10-14


Резолуцијата беше усвоена со големо мнозинство гласови и во Сенатот и во Претставничкиот дом, и покрај загриженоста на многу демократи. Таа налага претседателот најнапред да ги исцрпи сите дипломатски средства, пред да употреби воена сила.

Претседателот Буш вели дека се уште не одлучил дали да употреби сила, но дека САД се подготвени да ја предводи коалицијата против Ирак, доколку меѓународната заедница не успее да го разоружа Садам Хусеин.

„Изборот е на ОН да покажат решителност. Изборот е на Садам Хусеин да го одржи зборот. Доколку тие не реагираат, САД одлучно ќе ја предводат коалицијата во акција, за да се одземе најопасното оружје на светот од рацете на еден од најлошите светски лидери“, рече претседателот Буш.

Многу демократи во Конгресот, меѓутоа, сакаат Кабинетот на Буш да се насочи кон мултилатерален пристап. Речиси половината демократи во Сенатот, и мнозинството од нив во Претставничкиот дом гласаа против овластувањето за употреба на сила.

Демократскиот сенатор Карл Левин од Мичиген предложи резолуција што повикува на воена акција, но само со претходна резолуција и одобрување од страна на ОН. Сенаторот Левин предупредува на опасностите од стратегијата САД самостојно да реагираат:.

„Би испратиле погрешна порака до ОН, во време кога од нив бараме поддршка. Со тоа што на Он им кажуваме - доколку не ги спроведете вашите резолуции, ние ќе го сториме тоа, не само што праќаме недоследна порака, туку тоа ОН ги прави ирелевантни. Ние треба да настојуваме да го обединиме светот против Садам, а не да го делиме“, истакна г-динот Левин.

Сенаторот-демократ од Минесота, Пол Велстоун, се согласува со сенаторот Левин за потребата од мултилатерален пристап, и вели:

„Само широка коалиција од држави, обединети да го разоружаат Садам, додека ја продолжуваме нашата војна против теророт, може да успее. Нашата реакција би била далеку поуспешна ако Садам увиди дека целиот свет е обединет против него“.

Републиканците, од друга страна, во огромен број ја подржаа резолуцијата со која се одобрува употреба на сила. Сенаторот Џим Банинг од Кентаки е согласен дека САД треба да соработуваат со нивните сојзници и со ОН, но дека тоа не треба да го ограничи правото на САД да дејствуваат во самоодбрана, кога постои конкретна опасност.

Сенаторот Рик Санторум, Републиканец од Пенсилванија, е категоричен дека САД мора да дејствуваат, доколку ОН не го сторат тоа.

„Садам Хусеин ги крши резолуциите на ОН, а доколку ОН сакаат да бидат релевантна организација, тие мора да ги спроведуваат резолуциите. Ако тие не сакаат да ги спроведуваат резолуциите за одржување на мир во регионот и стабилност во светот, тогаш, мислам дека имаме обврска да преземеме мерки во таа насока. И, како што гледате, за таквата мисија веќе имаме поддршка од нашите сојузници ширум светот“, смета сенаторот Санторум.

Иако членовите на Конгресот се разијдуваат околу тоа дали да реагира унилатерално или мултилатерално, постои широка согласност околу потребата да се разоружа Ирак, како со воени така и со дипломатски средства. Во ОН, администрацијата на Буш продолжува да врши притисок за усвојување на нова резолуција што се заканува со употреба на сила доколку Ирак одбие да го предаде оружјето за масовно уништување.

XS
SM
MD
LG