Линкови за пристапност

Зад нападот на Бали стои Ал Каида, тврди индонезиската Влада - 2002-10-14


Индонезискиот министер за одбрана, Матори Абдул Џалил вели дека властите се сигурни оти Ал-Каида е присутна во Индонезија и дека го извела нападот од саботата во соработка со локалните терористички групи.

Американскиот амбасадор во Индонезија кажа дека американската Влада се сомнева оти зад нападот стои Џама Исламија, локална група поврзана со Ал-Каида, за која е познато дека сака да создаде се-исламска држава во Југоисточна Азија.

Наводниот лидер на оваа група, индонезискиот муслимански свештеник Абу Бакар Башир, порекна секаква поврзаност со нападот.

Индонезиската полиција соопшти дека започнала со испрашување на лица кои можеби имаат информации за нападот што се случи во посетениот туристички центар, плажата Кута на островот Бали.

Полицискиот полковник Јатим Сујатмо не кажа колку луѓе се испрашуваат, но подвлече дека тие не се осомничени.

Полковникот вели дека индонезиската полиција го има конечното овластување врз истрагата, но австралиската федерална полиција како и американското Федерално Истражно биро, Еф-Би-Ај, ќе обезбедат технички совети при анализата на доказните материјали од местото на настанот.

Знамињата на сите објекти на индонезиската Влада, во знак на жалост, денеска се спуштени на половина копје.

XS
SM
MD
LG