Линкови за пристапност

Опасност од проширување на конфликтот доколку се нападне Ирак - 2002-10-11


На семинарот спонзориран од Советот за блискоисточна политика со седиште во Вашингтон, воените и политичките аналитичари понудија видувања за тоа што може да се случи ако воената коалиција предводена од САД ја нападне ирачката влада на чело со претседателот Садам Хусеин.

Претседателот на Советот, Чес Фримен, верува дека доколку дојде до војна, ирачкиот лидер ќе одговори со обид да употреби оружје за масовно уништување против САД.

„Дали Садам ќе ги нападне САД? Одговорот е ако ние го нападнеме него, тогаш тој сигурно ќе не нападне. Ако не го нападнеме, тогаш не знаеме дали тој ќе не нападне или не. Но знаеме дека ако ние го нападнеме, и ако почуствува дека нема што да изгуби, тој ќе употреби секакво оружје од неговиот арсенал против САД и нашите сили“, вели господинот Фримен.

Џефри Кемп е директор на Регионалната стратешка програма во Центарот Никсон во Вашингтон, а бил и на располагање на Националниот Совет за безбедност. Тој вели дека очекува крвави судири меѓу религиозните и етничките групи, што ќе избувнат набрзо откако ќе бидат поразени војниците на Садам.

„Мора да бидеме подготвени, дури и во најдобриот можен исход, за сурово насилство. По ослободувањето ќе се укаже можност да се средат многу стари сметки“, смета господинот Кемп.

Тој вели дека ако, и кога ќе се случи војна против Ирак, американската влада треба да биде подготвена за серија други кризи што може да избувнат во регионот по започнувањето на битката со Багдад.

„Може да дојде до сериозна ескалација на арапско-израелскиот конфликт паралелно со војна со Ирак. Претседателот на Авганистан го дели само еден куршум од тоа земјата повторно да западне во хаос. Проблемот меѓу Индија и Пакистан се уште не е решен. Уште еден инцидент како на 13-ти декември минатата година кога милитантите го напднаа индискиот парламент, што би значел пакистански тероризам против Индија, би можел да ги стави Индијците во превентивно расположение. Значи навистина се соочуваме со можноста дека може да се случуваат разни видови на страшни работи во исто време кога одиме во војна против Ирак“, вели господинот Кемп.

Ентони Кордесман од невладиниот Центар за стратешки и меѓународни студии, вели дека на САД ќе им се суди не според тоа како ќе ја добијат војната против Ирак, туку како Америка ќе се справи со Ирак или со другите земји на Блисиот Исток по војната.

„Претседателот досега апсолутно нема навестено како би се справил со тој проблем. Најмногу што направи - спомена демократизација, што во тој регион стана лош збор: синоним за империјализам, за потенцијално преземање на контролата врз нафтата, за преминување од Ирак во други земји и за диктат на политичката иднина на регионот. Стана симбол на оттуѓување од земјите кои ни се најпотребни“, вели господинот Кордесмен.

Екипи на американскиот Стејт департмент и Националниот Совет за безбедност анализираат различни сценарија што може да се случат во тек на војна со Ирак и кога ваков кофликт би завршил.

Претставници на Стејт департменотот се вклучени во проект за иднината на Ирак вреден пет милиони долари, во чии рамки се повикуваат Ирачани кои живеат надвор од земјата, да дискутираат каква би можела да биде структурата на идната влада на Ирак. Моделот што очигледно произлегува се фокусира на силна федерална влада во која власта ја дели широк круг на различни верски и етнички групи. Ваква Влада во моментов не е концепт што е близок на арапскиот свет.

XS
SM
MD
LG