Линкови за пристапност

Американскиот Претставнички дом денеска ќе гласа по резолуцијата за Ирак - 2002-10-10


Иако претседателот и натаму е критикуван од демократите и од некои републиканци за начинот на кој пред Конгресот го изнел ирачкото прашање, неговата администрација забележува успех во обидот да добие поддршка за резолуцијата за Ирак.

Демократите во Претставничкиот дом и во Сенатот и натаму со алтернативни резолуции се обидуваат да го попречат, се чини, неизбежното гласање во корист на резолуцијата што ја поддржува Белата Куќа.

Демократот Карл Левин е главен спонзор на резолуцијата во Сенатот што го овластува претседателот да преземе воена акција, но само во согласност со нова, стриктна резолуција на Советот за безбедност на ОН што би ги изложила барањата до Ирак. Според верзијата на сенаторот Левин, доколку претседателот одлучи резолуцијата на ОН се покаже како недоволна во спроведувањето на барањата, тој би можел од Конгресот да побара да гласа за употреба на воена сила.

Сенаторот Левин вели дека неговата алтернатива ја избегнува потенцијалната штета од приодот "САД да дејствуваат сами".

„Ако постапиме умно, авторизирајќи употреба на наша сила по резолуција на ОН која дозволува членките да употребат сила, не само што ќе го обединиме Конгресот, туку ќе ја обединиме и светската заедница“, вели сенаторот Левин.

Речиси идентична на неговата алтернативна верзија денеска ќе биде на гласање во Претставничкиот дом. Нејзиниот спонзор, демократот од Јужна Каролина Џон Спрат, вели дека дури и да загуби, што очекува, тоа ќе има свој одраз.

„Мислам дека 135 до 150 гласови ќе испратат силна порака до Белата Куќа за расположението на значителна група членови на Домот, а тоа може исто така да се одрази на гласањето во Сенатот“, истакана господинот Спрат.

Претседателот Буш вчера доби поддршка за својата верзија од еден од клучните демократски сенатори, Џон Кери од Масачусетс. Но Џозеф Бајден, претседателот на Сенатската комисија за надворешни односи, изрази претпазливост:

„Без оглед колку добро формулирана е надворешната политика, таа не може да опстане без информирање на американскиот народ и согласноста од него. А што се бара од него? Американскиот народ се уште не знае што ќе биде побарано од него“, вели сенаторот Бајден.

Сенатот и Претставничкиот дом расправата ја продолжија до доцна синоќа.

XS
SM
MD
LG