Линкови за пристапност

Буш:  САД ќе се справат со Ирак, доколку ОН не го сторат тоа - 2002-10-08


Претседателот подвлече дека ирачкиот лидер Садам Хусеин претставува опасност што се зголемува секојдневно. Во секој момент, предупреди господинот Буш, ирачкиот лидер може да им даде на терористите хемиско и билошко оружје, за да ги нападнат САД. „Доколку знаеме дека Садам Хусеин во моментов има опасно оружје, а знаеме дека има, дали тогаш има смисла светот да чека и подоцна да се справи со него, кога тој станува се поопасен и развива се поопасни оружја“, запраша претседателот Буш.

Тој ги повика ОН да воспостават нова, поригорозна програма за инспекција на оружјето, со цел Ирак да биде разоружан. Доколку меѓународната заедница не реагира, подвлече претседателот Буш, ќе реагираат САД и нивните сојузници. „Мина времето на порекнување, залажување и одложување. Садам Хусеин мора самиот да се разоружа, или во спротивно, за потребите на мирот, ние ќе се најдеме на чело на коалицијата која ќе го разоружа“, кажа американскиот претседател.

Претседателот смета дека Садам Хусеин се уште има шанса да реши да ги испочитува резолуциите на ОН, иако, како што формулираше самиот, не постои голема причина да се очекува такво нешто. Тој кажа дека употребата на воена сила против Ирак е последната опција, но доколку тоа стане неопходно, тој ги предупреди ирачките команданти да не помислуваат на употреба на хемиско оружје: „Ирачкиот режим, соочен со крајот на своето владеење, би можел да посегне по сурови и очајнички мерки. Доколку Садам Хусеин нареди такви мерки, би било препорачливо неговите генерали да ја одбијат наредбата. Доколку не одбијат, тие мора да разберат дека сите воени злосторници ќе бидат гонети и казнети“.

Во услови кога во Конгресот трае дебата за резолуција што на претседателот би му дала овластување, доколку биде потребно, да употреби воена сила против Ирак, господинот Буш кажа дека евентуалното ограничување на неговите овластувања би му ги врзало рацете во момент кога тој се уште нема одлучено дали да употреби воена сила, или не. „Одобрувањето на оваа резолуција не значи дека веднаш ќе уследи воена акција, или дека таа е неминовна. Резолуцијата ќе испрати порака до ОН, до сите земји, дека Америка говори со еден глас и дека е решена да покаже оти барањата на цивилизираниот свет навистина нешто значат“, рече господинот Буш.

Претседателот на крајот подвлече дека ваквата резолуција би испратила сигнал до Садам Хусеин дека неговата единствена шанса за мир е целосното почитување на одредбите на ОН. А преостанатото време за тоа, заврши американскиот претседател, полека но сигурно изминува.

XS
SM
MD
LG