Линкови за пристапност

Ирак најавува можен договор за безусловни инспекции и на претседателските палати - 2002-10-07


САД веќе неколку недели во ОН лобираат за нова резолуција против Ирак што содржи построги правила за инспекција на оружјето, им дава неограничен пристап на инспекторите за оружје, и се заканува со воена сила, доколку Багдад не се држи до нејзините одредби. Меѓутоа, останатите постојани членки на Советот за безбедност, со исклучок на Британија, се сомневаат дека е неопходна директна воена закана.

Ирачкиот амбасадор во Обединетите нации, Мохамед Алдури за ТВ мрежата Еј-Би-Си изјави дека Ирак прво би требало да ја разгледа новата резолуција, пред да одлучи дали да ја прифати. Но, тој подвлече дека Багдад е подготвен безусловно да ги прифати инспекторите. На прашањето дали тоа значи дека инспекторите ќе имаат неограничен пристап и во претседателските палати, што не е случај според постојните договори меѓу Ирак и Обединетите нации, амбасадорот Алдури вели:

„Мислам дека тоа нема да создаде проблем меѓу нас и инспекторите, ќе нема проблем во однос на тоа прашање. Секако дека може да се договориме со Обединетите нации да имаат слободен пристап“, истакнува г-динот Алдури.

Прeтседателот Буш бара од ОН да го присилат Ирак да се откаже од, како што тврди, залихите на хемиско и биолошко оружје. Во спротивно, претседателот Буш вели дека употребата на сила би можела да биде неизбежна. Од друга страна, Ирак тврди дека веќе нема такво оружје. Амбасадорот Алдури вели дека САД сакаат да започнат војна затоа што

„...сакаат да спречат светот да види дека во Ирак не постои оружје за масовно уништување“, додава тој.

Амбасадорот Алдури е категоричен дека САД се единствено заинтересирани за нафтата во Ирак. Минатата недела, по бурна дебата во Претставничкиот дом во американскиот Конгрес, беше усвоен нацрт-текстот на резолуција што го овластува претседателот да употреби воена сила против Ирак. Лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Ричард Гепарт за Еј-Би-Си изјави дека основна цел во однос на Ирак е разоружувањето, поради што новата инспекција би требало да биде потемелна.

„Мислам дека претседателот најпрвин сака тие да се разоружаат. Какво оружје имаат, и колку? Дури тогаш можеме да влеземе и да видиме каква е ситуацијата“, истакна г-динот Гепарт.

Денеска Сенатот, по стапките на Претставничкиот дом, продолжува со расправата за резолуцијата за Ирак, а на иста тема, претседателот Буш преку телевизијата треба да се обрати до нацијата.

XS
SM
MD
LG