Еден ден откако грчкиот премиер Јоргос Папандреу се сретна со американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа, во центарот Вудроу Вилсон се одржа тркалезна маса на тема: „Грчки подароци – археофилија, оклократија и монохроматизам во современа Македонија".
Зошто Македонија во 21-от век се врти кон антиката? Како може историчари од Македонија и Грција да отворат сериозна дебата за потеклото на Александар Македонски?
Професорите Кит Браун од американскиот Институт Ватсон и Ирена Стефоска од македонскиот Институт за национална историја покренаа вакви прашања, дискутирајќи за потеклото и историскиот континуитет на терминот Македонија, но и за тоа како истото ги обременува односите меѓу двете земји денес, со оглед на фактот дека спорот за името и натаму постои. Заеднички заклучок во нивното излагање беше дека навраќањето кон античкиот период во современите политички односи, како своевидна археофилија, и во Грција, и во Македонија, само потхранува национализам што ги отежнува добрососедските односи и регионалната соработка.
„И во медиумите, со регулативите, не се зајакна плурализмот, туку беа создадени се` повеќе медиуми за промовирање на владините кампањи", рече Браун.
Стефоска, пак, коментираше дека „опсесијата со далечното и славно минато навидум ги попречува поуките од поновата историја".
И Македонија, и Грција се заложници на идејата за присвојување на ликот на Александар Македонски, смета Браун, според кого сите балкански држави флертуваат со митовите, но на Балканот тоа не е само флертување, туку континуиран начин на однесување.