Линкови за пристапност

Стејт департмент: изборите според стандардите, проблем третманот на затвореници


Montreal Arkeoloji Müzesi
Montreal Arkeoloji Müzesi

Изборите во најголем дел според стандардите, проблеми со тепање на притвореници, преполни затвори, застој во судските реформи, загриженост за владино мешање во верски прашања, и меѓуетничка напнатост. Ова е резимето на состојбата со човековите права во Македонија според редовниот годишен извештај на Стејт департментот за секоја земја поединечно што беше објавен четвртокот во Вашингтон.

Американската влада ја пренесува оценката на ОБСЕ дека претседателските и локалните избори минатата година ги исполниле повеќето меѓународни стандарди за демократски избори. Цивилните власти во основа имаат ефикасна контрола врз армиските сили, оценува Стејт департментот во извештајот што го подготвува по налог на Конгресот.

„Имало извештаи дека полицајците и припадниците на затворските служби тепале притвореници и затвореници и дека властите не спровеле соодветна истрага, ниту пак кривичен прогон за наводите за малтретирање", наведува официјален Вашингтон. Затворите се преполни а условите според извештаите се нехумани и деградирачки; набљудувачите јавиле за широкораспространета корупција меѓу затворската служба, стои во документот.

Од останатите забелешки, примената на судските реформи и натаму е во застој, а политичкиот притисок и заплашување ја попречуваат ефикасноста на судството. Спорот околу владината поддршка за градење на православна црква на градскиот плоштад во Скопје според американската влада придонел за меѓуетничка напнатост и покренал прашања за владино мешање во верски работи.

Стејт департментот смета и дека недоволната полициска заштита на демонстрантите раѓа загриженост за слободата на собирање. Се наведуваат и извештаи за дискриминација на хендикепирани лица и Роми.

Напнатоста меѓу заедниците на етничките Македонци и Албанци продолжила да се одразува во области како образованието, вработувањето и политичкото учество, оценува Стејт департментот во извештајот за човекови права во 2009-та, во делот за Македонија.

XS
SM
MD
LG