„Чистење на канали, прочистување на коритото на Црн Дрим, а најверојатно и пренасочување на реката Сатеска, од Охридското Езеро, на старата патека во Црн Дрим, се мерки за спречување на евентуални тешки состојби со високиот водостој на Охридското езеро", најави во Охрид министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
Владата за сега не размислува за евакуација на дел на жителите на селата Радожда и Пештани како што деновиве се` погласно се зборува меѓу овдешните жители, кажа министерот по средбата со локалните власти на Охрид и Струга и кооридинативното тело за справување со кризи. Тој сепак не ја отфрли можноста за такво нешто доколку се појави потреба од такво нешто.
Тој додаде дека секојдневно се следи ситуацијата и водотеците во сите акумулации и дека јавноста ќе биде навремено информирана за секоја мерка што ќе ја договори координативното тело.
Од вторник започнува чистење на дел од каналите во Струга и струшко што им создаваат најголеми проблеми на граѓаните, а заштита на дел од колекторскиот систем во дел од крајбрежјето ќе заврши деновиве. Според стручни лица, наскоро треба да започне пренасочување на реката Сатеска во старото корито, со што наместо во Охридското езеро, големите количини на вода штосо себе ги носи реката ќе се влеваат директно во Црн Дрим:
„Од денес каналот на патот Охрид - Струга водата ќе ја префрлува во Дрим", рече Јанакиевски.
Како што вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, од Дрим во моментов се испуштаат 62 метри кубни вода во секунда. Со одлуката за чистење на коритото на Мали Дрим, тој смета дека ќе може повеќе вода да се испушта од браната во Струга.
Министрите за транспорт и врски и одбрана, Миле Јанакиевски и Зоран Коњановски, направија обиколка на Охрид, Струга, Радожда и Пештани каде на лице место се уверија во моменталната состојба на терен.
Инаку, градоначалникот Петрески во вторник отпатува во Австралија каде ќе остане дваесет дена. Македонската заедница од Австралија, како што во понеделникот пренесе Радио Илинден од Мелбурн, Петревски го прогласија за „персона нон грата"