Турција ја предупредува администрацијата на Обама на негативни дипломатски последици ако не ја блокира резолуцијата што убиствата од ерата на Првата светска војна на Ерменците од страна на Отоманските Турци ги нарекува геноцид.
Турција го отповика својот амбасадор од САД откако конгресна комисија ја усвои необврзувачката резолуција.
На прес конференција во петок Министерот за надворешни работи Ахмед Давитоглу кажа дека американската администрација не вложила доволно наори во блокирање на гласањето во Комисијата за надворешни односи на Претставничкиот дом. Тој рече дека очекувал администрацијата да ја запре резолуцијата од напредување кон гласање во Претставничкиот дом во полн состав.
Па, сепак, министерот за надворешни работи кажа дека Турција ќе продолжи со напорите за нормализирање на односите со Ерменија, и покрај тоа што Турција се противи на надворешен притисок по прашањето.
Турција вели дека резолуцијата ја обвинува државата за криминал што не го направила, и дека мерката би можела да ги влоши американско-турските релации. Белата куќа и Стејт департментот се против мерката, што сега оди пред целиот Претставнички дом на разгледување.
Ерменија е задоволна од резолуцијата. Министерот за надворешни работи Едуард Налбандиан вели дека таа е доказ за определбата на Америка за „универзални човечки вредности" и важен чекор кон спречување на кривични дела против човештвото.
Ерменците велат дека масакрот на околу 1.5 милион луѓе меѓу 1915 и 1923 потекнал од оркестрирана кампања на Отоманските Турци. Турција ја отфрла етикетата геноцид велејќи дека помалку Ерменци умреле и дека тие биле убиени во граѓанска војна во која и Турци исто така умреле.
Турција е клучен сојузник на САД.
Но од друга страна американскиот лидер Барак Обама при кампањата за претседател вети дека ќе ги признае убиствата на Ерменците како геноцид. Како претседател тој кажа дека овие убиства се едно од најголемите свирепости во 20-от век, но не ги нарече геноцид.