Претседателката на Чиле Мишел Бачелеј смета дека ќе бидат потребни најмалку три до четири години за повторна изградба по силниот земјотрес од саботата во кој загинаа најмалку 800 лица и што причини голема штета.
Бачелеј порача дека за обновата ќе бидат потребни заеми од Светската банка и други меѓународни финансиски институции. Изградбата, според нејзина проценка, би можела да чини околу 30 милијарди долари.
Чиле доби голема поддршка и ветувања од меѓународната заедница. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун во петок во Сантјаго треба да се сретне со актуелната претседателка Бачелеј и новоизбраниот претседател Себастијан Пињера, кој ќе стапи на функцијата на 11-ти март. Бан ќе го посети и вториот по големин град Консепсион, кој е меѓу најтешко погодените од земјотресот од 8,8 степени.