Охрид средата наутро осамна со барикади - насипи од вреќи со песок, како одбрана од потенцијалното излевање на Охридското Езеро.
Преку 100 војници на АРМ градеа насип и поставуваа вреќи по должината на целиот кеј на езерото.
Според официјални податоци, досега се поставени повеќе од 10.000 вреќи само во регионот на Охрид, додека во поставувањето на насипи во струшките села Калишта и Радожда синоќа беше мобилизирано и месното население. Војници на АРМ денеска помагаат и на овој потег на езерото за да се спречи евентуално влошување на состојбата.
„Проценките ни се дадени од страна на стручни лица кои работат во Министерството за земјоделие и Управата за управување со води. Таква проценка имаа и професори од градежниот факултет. Беше посочено дека овој дел од градот е покритичен и треба да ги поставиме овие насипи од вреќи со земја и песок, за да не дозволиме брановите да ги поплават улиците“, кажа при денешната посета на Охрид министерот за одбрана Зоран Коњановски.
Формирани се пет групи кои будно ја следат состојбата. Деновиве ќе се поставуваат насипи и во месноста Сараиште и Ј`но во Охрид, а во Пештани ќе бидат поставени камени насипи.
Охрабрува што средата централната и локалната власт конечно сфатија дека во вакви природни непогоди не треба да се тера само политика. Претставници од обете страни на заеднички состанок договорија секојдневни средби и заедничко делување на критичните места на кои им се закануваат поплави.
„Ќе има конкретни активности по целата должина на охридското крајбрежје, на коритата од реките кои се влеваат во Охридското Езеро, во населените места низ кои минуваат реките, но и на местата кои се во урбанизираниот дел на Охрид“, најави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
Заедничкото тело секој ден ќе се состанува и ќе ја следи состојбата. Одредени се и критичните точки каде координирано ќе се делува.