Линкови за пристапност

Мајк Зафировски: Македонија е одлична дестинација за инвестирање


Мајк Зафировски: Македонија е одлична дестинација за инвестирање
Мајк Зафировски: Македонија е одлична дестинација за инвестирање

Глас на Америка: Зошто еден странски бизнисмен би инвестирал во Македонија?

Зафировски: Македонија е одлична дестинација за инвестирање од бројни причини – мотивирана работна сила, вистински поттици, поволна структура на трошоци, и, искрено, сметам дека е едно од неоткриените богатства во Европа.

Глас на Америка: Како ја оценувате бизнис-климата за мали и средни претпријатија во Македонија? Има ли напредок на тоа поле?

Зафировски: Малите и средни претпријатија беа тешко погодени во поголем дел од светот во втората половина од 2008-ма и целата 2009-та. На почетокот од 2010-та, нема голем напредок. Сепак, убеден сум дека најлошото е зад нас и прашањето е колку 2010-та ќе биде подобра од лани. Се` уште го немам одговорот, но најголем непријател е неизвесноста. Луѓето загубија доверба, потребно е време таа да се врати, но се надевам дека луѓето ќе имаат на ум дека економијата по правило минува низ подеми и падови.

<!-- IMAGE -->

Глас на Америка: Каква е иднината на проектот Македонија 2025 и кога реално граѓаните ќе ги почувствуваат ефектите?

Зафировски: Се надевам - во 2010-та. Проектот Македонија 2025 има 8 директори и е непрофитна организација. Имаме тројна цел. Прво, да обезбедиме совети и препораки со цел земјата да стане поуспешна. Второ – како повеќе бизниси и инвестиции да дојдат во Македонија? Трето - како да промовираме претприемништво, но и начинот на кој размислуваат генералните менаџери во Македонија.

Глас на Америка: Дали сметате дека нерешеното прашање за името со Грција ги одвраќа потенцијалните инвеститори од Македонија?

Зафировски: Има многу предизвици со кои се соочува Македонија, исто како и Грција. Земјите се на различно ниво на економски развој, но истовремено, обете влади и граѓаните од обете страни очекуваат подобра трговија, образование... Ќе биде мудро и за Грција и за Македонија да постигнат договор што ќе биде прифатлив за обете страни. Не очекувам ниту една страна да биде 100-процентно задоволна од исходот, но јас како прагматичен бизнисмен и стратствен Македонец, се надевам дека ќе се реши набрзо.

XS
SM
MD
LG