Поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ пред Судот за воени злосторства во поранешна Југославија изјави дека српската кауза во војната во Босна 1992-1995-та била „праведна и света“.
Караџиќ самиот се застапува и даде уводна изјава на судењето што продолжи понеделникот во Хаг. Тој е обвинет за воени злосторства и две основи на геноцид – за етничко чистење на муслимани и Хрвати во Босна, како и за масакрот на муслимански мажи и момчиња по српското заземање на Сребреница во 1995-та.
64-годишниот поранешен водач на босанските Срби ги отфрла обвиненијата и го бојкотираше почетокот на судењето во октомври, барајќи повеќе време да ја подготви својата одбрана.
Караџиќ беше уапсен во јули 2008-ма по речиси 13 години потрага и важеше за еден од светски најбараните бегалци пред правдата.