Претседателката на Чиле Мишел Бачелеј вели дека земјотресот од 8,8 степени саботата во кој загинаа над 700-тини лица, 2 милиона беа раселени и што го опустоши централниот дел на земјата, претставува вонредна ситуација каква што досега не е видена во историјата на земјата.
Претседателката на Чиле најпрвин размислуваше дали да побара меѓународна помош, но по прогнозите дека бројот на жртвите ќе порасне, таа апелираше до меѓународната заедница да реагира.
Бачелеј најави дека ќе испрати 10.000 војници во неколку региони за да го вратат редот и да помогнат во обновата. Таа кажа и дека бил постигнат договор со ланците на супермаркети бесплатно да распределуваат храна. Во вториот по големина град Консепсион неделата беа ограбени продавници, а полицијата мораше да употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата во еден супермаркет. Властите објавија полициски час за да го спречат насилството во областите на Консепсион и Мауле.
Спасувачите се` уште се обидуваат да допрат до станари во урната зграда во Конспесион, каде се смета дека се живи закопани 50-тина.
Земјотресот срамни со земја згради, оштети патишта и мостови и доведе до прекин на електрична енергија. Цунамито предизвикано од потресот опустоши дел од крајбрежните градови на Чиле и на Островот Робинзон Крусо, каде брановите навлегоа дури три киломтери во местото Сан Хуан Батиста. Опасноста од цунами предизвика евакуации од Хаваи до Јапонија, но не беше причинета голема штета.
Американското геолошко здружение наведува дека земјотрес со јачина од 8 и повеќе по дефиниција е „голем“ земјотрес што може да предизвика огромна штета.