Роџер Бејкер е претседател на болницата Факвајар, мал објект на околу еден час од Вашингтон. Како и многу слични објекти, Бејкер вели дека одвај излегуваат на крај со трошоците и дека сака Вашингтон нешто да стори. Тој вели „сите сакаме реформа што ќе донесе вистинска промена. Веќе долго време овој систем не функционира".
Областа што оваа болница ја опслужува мина нешто подобро во рецесијата од други делови во земјата, па сепак не е лесно. Тоа е непрофитна организација и зависи од заработката за покривање на трошоците.
Бејкер објаснува дека е потребна пет проценти оперативна маргина на заработка над трошоци за да опстане една болница, особено во област чие население расте.
Бејкер вели дека економијата е голем дел од проблемот, зашто многу помалку се бараат услуги кои не се критични.
Процедурите во болницата опаднале за десет проценти.
Но, бројот на неосигурани пациенти расте. Сега е осум проценти од сите пациенти. Тоа болницата ја чини шест милиони долари годишно.
Снаоѓањето на болницата да ја надомести разликата и да создаде некаков профит создава домино реакција – растат трошоците за осигурените пациенти и премиите на компаниите за оние што тие ги покриваат.
Згора на тоа, болницата се подготвува за најавената намалена исплата од страна на државата за здравствената заштита на сиромашните.
Предложените намалувања може да значат дополнителни пет проценти помал приход годишно, или околу пет милиони долари годишно.
Роџер Бејкер вели тоа во превод значи повеќе услуги кои би требало да бидат прекинати.
Решението тој го гледа во интервенција на владата – да се обезбеди колку е можно повеќе луѓе да бидат осигурени, зашто тоа ќе ги намали трошоците на здравствената заштита.