Линкови за пристапност

Шест години од загинувањето на Борис Трајковски


Шест години од загинувањето на Борис Трајковски
Шест години од загинувањето на Борис Трајковски
<!-- IMAGE -->

Минаа шест години од авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски и осум негови соработници и членови на екипажот.

Трајковски, кој беше втор по ред претседател на Македонија, имаше клучна улога во потпишувањето на Рамковниот договор во 2001-та со што се стави крај на оружениот конфликт во земјата и важеше за водач со прозападна ориентација и миротворец.

Аналитичарите ја наведуваат неговата заслуга за тоа Рамковниот договор не само да стави крај на судирот, туку и да стане добар добар пат за решавање на меѓуетничките проблеми во земјата.

„Трајковски беше една од личностите која, за жал, остави белег по својата смрт, затоа што јавноста не беше подготвена или да ги препознае, или да ги прифати неговите прогресивни идеи во поглед на меѓунационалните односи, во она што се нарекува етика и морал во политиката и во она што се нарекува стратегиско партнерство и долгорочна перспектива на државата", вели Ризван Сулејмани од евро атланскиот клуб.

Борис Трајковски заедно со осум соработници загина трагично во авионска несреќа на 26-ти февруари 2004-та близу Мостар, Босна и Херцеговина. Тој имаше 47 години.

Истрагата се` уште ги нема разјаснето околностите поврзани со падот на авионот и МВР сака да се дорасчисти случајот. Според Анкетната комисија, најкрупни прашања што треба дополнително да се испитаат се нелогичностите околу пронаоѓањето на остатоците од авионот 26 часа по несреќата, а треба особено да се испитаат тврдењата дека припадниците на босанската полиција и спасувачките екипи биле спречени од претставници на КФОР да пристапат до местото на несреќата, како и неможноста да се испитаат припадниците на КФОР кои биле во контролната кула кога паднал авионот.

Во врска со работата на Анкетната комсија, петокот коментираше министерката за внатрешни работи:

„Тешко е да се прејудицира што ќе биде исходот на оваа комисија, меѓутоа се` додека постои најмала шанса да добиеме информација за да знаеме што точно се случи со авионот во кој патуваше делегацијата предводена од претседателот Трајковски, ние нема да застанеме и овој случај за нас е отворен", рече Гордана Јанкуловска.

На гробовите на претседателот Трајковски и неговите соработници во Бутел петокот положија венци државниот врв и дипломатскиот кор. Во знак на сеќавање на загинатиот претседател, на гробиштата пристигнаа и планинари од Струмица кои минаа над 200 километри.

XS
SM
MD
LG