Линкови за пристапност

Никој не е над законот, предупреди турскиот премиер


Никој не е над законот, предупреди турскиот премиер
Никој не е над законот, предупреди турскиот премиер

<!-- IMAGE -->

Никој не треба да смета дека е над законот, порача петокот турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган пред собраниските пратеници откако дополнителни 11 армиски офицери беа обвинети за вмешаност во наводен заговор за воен удар во 2003-та.

Меѓу новообвинетите се двајца адмирали и еден пензиониран генерал. Тие ќе останат во затвор се` до судењето. Властите досега уапсија 31 офицер, што предизвика напнатост во армиските сили.

Судот претходно ослободи тројца пензионирани виши офицери – поранешниот командант на морнарицата Озден Орнек, првиот човек на воздухопловството Ибрахим Фиртина и поранешниот заменик-главен командант на армијата Ергин Сајгун, откако најпрвин беа испрашани. Обвинителите наведуваат дека веднаш не покренале обвиненија поради малата веројатност тие да побегнат. Орнек по ослободувањето кажа дека разјаснил „извесни недоразборања" при испрашувањето.

Премиерот Ердоган, претседателот Абдула Ѓул и главниот командант на армијата Илкер Басбуг четвртокот одржаа средба по која издадоа соопштение во кое ги уверуваат граѓаните дека истрагата ќе биде извршена законски и одговорно. Ердоган позитивно ја оцени средбата и ги отфрли повиците на опозицијата за предвремени избори.

Според медиумските извештаи, обвинетите планирале дестабилизација на владата преку поставување на бомби во џамии и провоцирање на Грција, за да собори турски воен авион.

Турската армија има симнато четири влади во последните 50 години.

XS
SM
MD
LG