Линкови за пристапност

Обама вкрсти копја со републиканците на самитот за здравствена заштита 


Обама вкрсти копја со републиканците на самитот за здравствена заштита 

<!-- IMAGE -->

Американскиот претседател Барак Обама влезе во конфронтација со републикански пратеници на специјалниот самит за ревитализација на реформата на здравствена заштита, пренесуван во живо на телевизија.

Отворајќи ја средбата, Обама изрази надеж дека првите лица на демократите и републиканците ќе најдат начин да ги премостат разликите и да избегнат, како што го нарече самиот, политички театар. Но, кусо време откако започна самитот, се појави напнатост.

Републиканскиот сенатор Ламар Александер го оспори тврдењето на претседателот дека со верзијата што ја предложија демократите ќе се намали цената на здравственото осигурување, по што настана жестока дебата.

Александер кажа дека неговата партија смета дека Конгресот треба да се откаже од нацрт-законот што го подготвија демократите и „да започне одново".

Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси возврати дека е предоцна да се подготви нова верзија, како и дека многу делови од постојниот предлог дојдоа од републиканците, така што тие би требало да ја подржат сегашната верзија.

Вжештена реторика имаше и меѓу Обама и републиканскиот сенатор Џон Мекејн, кој се бореше против Обама на претседателските избори 2008-ма. Мекејн критикуваше дека Обама не успеал да донесе промена во официјален Вашингтон, како што најавуваше, на што Обама возврати – „повеќе не сме на кампања".

Други републиканци критикуваа дека предлог-реформата на здравствената заштита од речиси 1 трилион долари е прескапа.

Обама призна дека двете страни можеби нема да постигнат спогодба на самитот, но подвлече дека треба да направат „искрена проценка" дали јазот е преголем и да тргнат од тоа. Тој ја смета реформата на здравствената заштита за приоритет во својата домашна политика.

XS
SM
MD
LG