Линкови за пристапност

Нимиц во Скопје: Временската рамка за решение се брои во денови


Нимиц во Скопје: Временската рамка за решение се брои во денови
Нимиц во Скопје: Временската рамка за решение се брои во денови

Не донесов пишан документ, ниту план, туку носам сугестии - вака посредникот во македонско-грчкиот спор за името, амбасадорот Метју Нимиц, по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски уште еднаш ги демантираше шпекулациите дека по седуммесечен застој, одново ги отвора преговорите со нов предлог до властите во Скопје и Атина.

„Сметам дека голем дел од тие сугестии се` уште се на маса, се дискутира за нив и би требало да бидат дел од решението. Мислам дека деловите од решението се добро познати, но какво ќе биде пакет-решението - се` уште не се знае“, изјави Нимиц.

Посредникот на ОН посебно истакна дека временската рамка за решение е кратка и се брои во денови. Најави дека она што во петок ќе го однесе во Атина како впечаток од дводневната посета на Скопје е сериозност, конструктивност и желба за решение. Но, предочи дека дури по разговорите во Атина ќе може да каже дали има шанса за договор. Уште еднаш потсети дека решавањето на прашањето не треба да се одложува, бидејќи тоа е од национална важност за земјава.

„Од моја гледна точка, главното прашање е името на државата. Ова прашање е во резолуцијата на ОН, ова прашање е во Привремената спогодба и суштинското прашање е името на државата. Со текот на годините, се појавија и други прашања - ние ова го правиме со години, како што знаете јас со години се занимавам со ова. Мислам дека со овие прашања можеме да се справиме како нешто што е од второстепено значење во однос на главното прашање“, кажа Нимиц.

Почитување на резолуциите на ОН во потрагата по решението, преговори само за името, а не и за јазикот и идентитетот и организирање зачестени средби во текот на ова полугодие од годината - ова се барањата од македонските власти до амбасадорот Нимиц.

Нимиц рече дека откако ќе се врати во Њујорк ќе оцени дали ќе има нов состанок со преговарачите или процесот ќе го продолжи со нова посета на регионот.

Конечно, им текна - ова е реакцијата на лидерот на опозициониот Социјалдемократски сојуз, Бранко Црвенковски - и единствена засега - на она што во јавноста се слушна како став на Македонија во преговарачкиот процес. Црвенковски уште еднаш се пожали на информативна темница од страна на власта кога станува збор за стратегијата во преговорите за името.

„Јас би рекол конечно им текна дека навистина е потребна иницијативност и активна политика. Што точно подразбираат под тоа - јас не знам, не можеме да претпоставиме. Информации нема за никого, ниту за опозицијата, ниту за јавноста. Јас можам да кажам само што посакувам, а дали тоа ќе се случи, не знам. Се надевам дека навистина ќе се влезе во суштински преговори, ќе се вложат огромни напори од двете страни. Јас си ја гледам нашата страна македонската, ние имаме потреба ова прашање да се решава што е можно побрзо и дека ќе се дојде до некое решение што ќе ги деблокира нашите евроатлантски интеграции“, рече Црвенковски.

XS
SM
MD
LG