Линкови за пристапност

Наџибула Зази призна дека е виновен, вели го регрутирала Ал-Каида


Наџибула Зази призна дека е виновен, вели го регрутирала Ал-Каида
Наџибула Зази призна дека е виновен, вели го регрутирала Ал-Каида

Авганистанскиот имигрант обвинет дека планирал самоубиствен бомбашки напад во Њујорк се изјасни за виновен по главното обвинение за тероризам – заговор за употреба на оружје за масовно уништување. Наџибула Зази пред федерален суд во Њујорк понеделникот потврди дека Ал-Каида го регрутирала и обучила во подготовка на бомби. Тој се изјасни за виновен и за заговор да изврши убиство во странска земја, како и за пружање материјална поддршка на терористичка организација.

25-годишниот Зази кажа дека Ал-Каида му помогнала да испланира напад во њујоршкото метро за кој властите велат дека ќе имал катастрофални последици. Зази рече дека неговата „маченичка операција“ требала да се случи околу 11-ти септември минатата година, на осмата годишнина од нападите на Ал-Каида во Њујорк и Вашингтон, како и дека била во знак на протест против американските армиски акции во Авганистан.

Зази беше уапсен минатиот септември во Колорадо, каде живеел. Обвинителите тврдат дека неколку дена претходно тој составил делови на бомба за самоубиствен напад и ги донел во Њујорк, но се откажал од намерата кога заедно со соработниците се посомневал дека ги следи полицијата.

Зази може да добие казна доживотен затвор кога ќе биде осуден на 25-ти јуни. Американскиот главен обвинител Ерик Холдер изјави дека заговорот е еден од најсериозните закани по САД од терористичките напади во 2001-ва.

Во случајот се уапсени и обвинети чичкото и двајца средношколски другари на Зази. Таткото на Зази, пак, е обвинет за заговор да уништи или сокрие материјали што може да се употребат за експлозив, и тој со одобрение на обвинителите беше ослободен со кауција од 50.000 долари.

Зази пред судот призна дека престојувал во Пакистан со пријателите во август 2008-ма, во надеж дека ќе се приклучи на Талебан и ќе се бори против американските сили во Авганистан.

„Наместо тоа, додека бевме во Пешавар, не регрутираше Ал-Каида. Не` однесоа во камп во Вазиристан, каде бев обучен за ракување со оружје. За време на обуката, водачите на Ал-Каида побараа да се вратиме во САД и да извршиме маченичка операција. Се согласивме“, изјави Зази.

Судијата Рејмон Деари праша дали „маченичка операција“ значи самоубиствен напад. Зази одговори потврдно, додавајќи: „За мене, тоа значи дека ќе се жртвувам за да го свртам вниманието на тоа што САД го чинат армиски на цивилите во Авганистан, жртвувајќи ја мојата душа за спасување на други души“.

XS
SM
MD
LG