Американските пратеници го осудија начинот на кој Тојота одговори на тековните безбедносни проблеми со нејзините возила, обвинувајќи ја јапонската компанија дека ги игнорирала поплаките на муштериите.
Конгресот вторникот започна распит за повлекувањето на осум милиони возила на Тојота ширум светот поради проблем со ненадејно и неконтролирано забрзување.
Демократскиот конгресмен Барт Ступак на распитот на Комисијата на Претставничкиот дом за енергија и трговија рече дека јапонскиот автомобилски гигант со години бил предупредуван за проблемите, но не реагирал навремено.
Многумина пратеници цитираа стручњаци според кои ненадејното забрзување е причинето од фалична електроника во возилата.
Во писмена изјава, раководителот на американската дивизија за продажба на Тојота-возила, Џејмс Ленц, се извини за првичната реакција на компанијата, но инсистираше дека проблемите не се должат на неисправна електроника.
Пратениците ја сослушаа и Ронда Смит од сојузната држава Тенеси, која опиша како нејзината Тојота – Лексус неконтролирано забрзала на 160-километри на час во октомври 2006-та. Со насолзени очи, Смит кажа дека пробала се`, но ништо не можело да го успори возилото, “додека на крај не интервенираше Господ“