Линкови за пристапност

Нимиц во Скопје: Не носам предлог


Нимиц во Скопје: Не носам предлог

„Не носам предлог. Мислам дека е многу важно да разговараме и да видиме до каде сме стигнати, но имам идеи за придвижување на процесот. Сметам дека е многу важно да се забрзаат разговорите и да се донесат одредени одлуки“, рече Нимиц пред средбата со шефот на дипломатијата Антонио Милошоски, не прецизирајќи за какви идеи станува збор.

Детали за посетата пред јавноста не сакаше да изнесе ниту министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој запрашан што се очекува од Нимиц, одговори: „Сите идеи, размислувања и иницијативи кои што можат да значат суштинско поместување напред во однос на ова прашање, ќе бидат добредојдени и најсериозно разгледани“.

Она што е познато е ставот на државиот врв со кој ќе биде пречекан Нимиц, а утврден по вчерашиот состанок.
„Договоривме заеднички настап кој би се движел во рамки на конструктивно, проактивно дејствување со максимална сериозност и посветеност, а се` со цел да можеме во периодот пред нас да го дадеме нашиот придонес за постигнување решение, или, во најмала рака, напредок по однос на решението на билатералниот спор наметнат од Република Грција во однос на уставното име на Република Македонија“, рече Милошоски по заедничката средба со претседателот Иванов, премиерот Груевски, вицепремиерот Абдилаќим Адеми и амбасадорот Зоран Јолевски.

По престојот во Скопје, Нимц ќе замине за Атина. Во врска со неговите средби во грчката претолнина се огласи алернативниот шеф на грчката дипломатија, Димитрис Друцас. Во изјави за грчката телевизија НЕТ, Друцас наведува дека Грција сака да се најде решение за името, но истовремено повторува дека грчката црвена линија е име со географска одредница за севкупна употреба.

Прашан дали актуелната економска ситуација со која е соочена Грција може да ја принуди на концесии во однос на прашањето за името, Друцас не одговори конкретно, но нагласи дека дека грчката позиција се базира на цврста и широка домашна политичка поддршка. Вината за нерешавањето на спорот ја гледа кај македонската страна, која, според него, малку по малку, ќе разбере дека досегашните позиции не и` помагаат на земјата.
Друцас во интервјуто за грчката течевизија тврди дека Атина поминала половина пат кон решение и сега чека тоа да го направи и Скопје, додавајќи оти Грција сака да ја поддржи евро-интеграцијата на Македонија, но претходно мора да се реши прашањето за името.

Посредникот на ОН последен пат ги посети Скопје и Атина лани во јули, по што привремено ги замрзна разговорите поради изборите во Грција. Иако најави нивно продолжување и динамизирање веднаш по формирањето на новата грчка влада, во изминатите месеци немаше никакви јавни активности.

XS
SM
MD
LG