<!-- IMAGE -->
Дождот што викендов интензивно паѓаше во Охрид, проследен со многу силен јужен ветар, како и новиот снег на околните ритчиња и повисоките планини, внесоа нова неизвесност кај жителите на Охрид и Струга.
Иако кај Струга испустот е максимален, сепак нивото на Охридското Езеро се искачи за уште еден сантиметар и во моментов е на 693,89 или за 14 сантиметри над горната утврдена граница.Преостануваат само уште 4 сантиметри до рекордот во 1963 година, кога водостојот на езерото беше за 18 сантиметри над горната утврдена граница.
Метеоролозите најавуваат врнежи од дожд до средината на оваа недела.
Сепак, еколозите смируваат и тврдат дека место за паника нема, затоа што испустот кај Струга може да одговори и на многу повисок водостој на езерото.
„Многу поголем проблем се подземните води. Опасност нема ни за македонската, ни за албанската страна“, вели Лазе Николовски од еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид.
Сепак, состојбата будно се следи. Претставници на владиното Координативно тело за справување со кризи во неделата го посетија селото Пештани каде подземните води поплавија стотина куќи.
„Нивото на Езерото е за 13-14 сантиметри над максималната кота, но состојбата е стабилна. Во моментов од Црн Дрим се испуштаат 53 метри кубни води во секунда. Доколку се испушта поголемо количество вода, може да дојде до поплавување на другите подрачја меѓу кои патот Струга - Дебар. Правиме максимум и повеќе ништо не може да се направи“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Дирекцијата за заштита и спасување за вторник закажа вонредна прес - конференција на која медиумите ќе бидат информирани за состојбата околу излевањето на водата од речните корита, свлечиштата и одроните, како и за последиците од овие појави на целата територија на Република Македонија.Дирекцијата ќе информираа за напорите и вонредните мерки што таа ги презема за ублажување на последиците.