Линкови за пристапност

Средба на македонскиот државен врв пред посетата на Нимиц


Средба на македонскиот државен врв пред посетата на Нимиц
Средба на македонскиот државен врв пред посетата на Нимиц

По пораките што минатата недела стигнаа од Брисел и Вашингтон за неопходноста од брзо решавање на проблемот со името, а пред вторничката посета на посредникот Метју Нимиц неделава, македонскиот државен врв на закажана средба понеделникот ќе го разгледува најновиот развој на настаните.

Претседателот Ѓорге Иванов, Премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и вицепремиерот Абдилаќим Адеми ќе разговараат за очекувањата од посетата и ќе ги усогласуваат позициите, со цел - организиран и заеднички настап на средбата со Нимиц, велат од Кабинетот на претседателот.

Една од пораките од Брисел и Вашингтон минатата недела беше дека на Македонија во оваа критична фаза и` е неопходен национален консензус. Поради тоа, се отвори расправа дали сега би требало да се одржи лидерска средба на која политичките партии би усогласиле единствен став за тоа каков компромис би можела да прифати држаата.

Лидерска средба, како што образложи во неделата премиерот Груевски, нема да има пред да постојат некакви конкретни идеи од посредникот Нимиц.

„Во Република Македонија се зборува со два јазика - едниот на опозицијата, другиот на власта. За жал, тоа е лош сигнал и порака до нашиот јужен сосед дека во Република Македонија немаме заеднички став и дека тешко можеме да дојдеме до таков став", коментираше Имер Селмани, преседател на Нова демократија.

Ермира Мехмети од ДУИ, пак, вели дека по средбите со преставниците на Брисел и Вашингтон минатата недела, сега се потребни многу поинтензивни консултации во двата формата - и на ниво на државен врв, и на ниво на средби на лидерите на политичките партии. Според неа, многу поголем напор сепак ќе биде потребно да се вложи токму на лидерските средби, за со цел да се постигне долго бараното единство по прашањето за името.

Посредникот Нимиц ќе пристигне во Скопје во вторник. Засега нема информации дали тој ќе допатува со нов пакет идеи за решавање на спорот или и оваа посета ќе биде консултативна. Во секој случај, по заседанието на државиот врв и посета на Нимиц ќе стане појасно дали и кога ќе се одржи лидерска средба на која би се изградил потребниот консензус во државата по прашањето на спорот со Грција што ја попречува евро-атлантската интеграција на Македонија.


XS
SM
MD
LG