Линкови за пристапност

„Онест ти“ – најпродаван чај без голема реклама


„Онест ти“ – најпродаван чај без голема реклама

Пијалоците на пазарот за него биле или преслатки, или без вкус. Сет Голдман решил да произведе природно растен чај, пакуван во шишиња, што содржи малку шеќер.

Започнал да прави чај во својата кујна со партнерот Бери Налебаф. Се одлучиле за пет варијанти, сите под марката „Онест ти“, или „Чесен чај“ – алузија дека во него нема скриени нездрави состојки. Најпрвин било тешко да го продаде.

„Во синџирите на супермаркети и сендвичари ми велеа дека не е доволно сладок, дека има вкус на трева и дека купувачите не се подготвени за него! Сега се!“ се присетува Голдман.

„Онест ти“ се рекламира минимално, верувајќи дека е доволен податокот што чајот воопшто е втор најпопуларен напиток во светот, по водата. Голдман се` уште експериментира со нови видови во својата кујна во Бетесда, истовремено седиште на компанијата. Користи чај од Кина, Индија и јужна Африка, одгледан без пестициди и вештачко ѓубриво.

„Дел од профитот го даваме на собирачите на чај, а ги имаме поддржано и со компјутерски центар и микро-кредити, за да може да инвестираат во она што им е приоритет во заедницата“, вели Голдман.

„Онест ти“ денес произведува и природни сокови. Во 2008-ма, гигантот Кока-кола купи 40 проценти од компанијата, со можност да ја купи целата во 2011-та. Голдман коментира дека Кока-кола согледала дека се` повеќе луѓе сакаат здрави пијалоци. „Онест ти“ е најпродаваниот природен чај во САД. Дури и во лоши економски услови, компанијата лани забележала пораст од 20 проценти.

XS
SM
MD
LG