Линкови за пристапност

Нивото на Охридското eзеро расте сантиметар на ден


Нивото на Охридското eзеро расте сантиметар на ден
Нивото на Охридското eзеро расте сантиметар на ден

Нивото на Охридското eзеро за последниве 24 часа порасна за еден сантиметар и во четвртокот изнесуваше 693,87, односно за 12 сантиметри над максимално дозволената кота 693,75.

Од Центарот за управување со кризи велат дека ситуацијата сеуште не е критична, но стравуваат од зголемување на водотоците поради наглото растење на дневната температура. Подземните води се со висок водостој, така што сите нови количини од дожд и топење на снегот, влегуваат директно во езерото.

Дополнителен проблем создава високото ниво на реката Црн Дрим кај Струга поради максималниот истек на водата од езерото. Очигледно истекот не може да ги апсорбира новите количини што се влеваат во езерото.

На сериозноста на ситуацијата во четвртокот укажа новоформираниот Регионален кризен штаб за управување со кризи, што ја разгледа моментната состојба со надојдените води во општините Струга и Вевчани, како и состојбата со регионалниот пат Струга - Дебар во близина на селото Луково.

Заклучено е состојбата да се надгледува од хидроцентралата "Глобочица", полициската станица во Луково и "Македонија пат" од Струга и редовно да се известува Регионалниот центар за управување со кризи.

Приватното претпријатие "Летница" е задолжено да обезбеди непречен проток на вода кај Даљанот во Струга, односно решетките да бидат кренати до максимум за да има непречен проток на вода.
XS
SM
MD
LG