Според најновите извештаи, грчката економија во 2009-та опаднала повеќе од очекуваното, со највисока стапка на невработеност во последните пет години. Буџетскиот дефицит расте со стапка од речиси 13 проценти од севкупното производство во земјата, што е четирипати повеќе од дозволеното во рамки на ЕУ. Аналитичарот Василис Властаракис резимира – земјата наскоро ќе нема готовина:
„Грција има голем проблем со обновувањето на кредитите. За март и април, на Грција и` се потребни 25 милијарди евра, така што пазарите добро знаат дека Грција мора да ги најде тие пари, но прашањето е под кои услови?“, смета Властаракис.
Без конкретен финансиски план за спас на Грција, економистите предвидуваат турбулентно време за грчката економија. Мајкл Масуракис е главен економист во Банката Алфа:
„Грчката економија веројатно со месеци ќе биде под влијание на негативната пазарна перцепција, се` додека не добиеме конкретен доказ дека буџетот за 2010-та се применува согласно програмите за стабилизирање на економијата“, коментира Масуракис.
Грчката влада презеде мерки за стабилизација со редуцирање на трошоците, како забрана за покачување на платите во јавната администрација и зголемување на старосната граница за пензија. Следната недела, првите луѓе на ЕУ повторно ќе се сретнат за изнајдат начин како да го намалат дефицитот на Грција на под три проценти од бруто домашниот производ до 2012-та.