Иранските безбедносни сили употребиле палки и солзавец за растурање на демонстрантите во Техеран кои се собраа за одбележување на 31-та годишнина од основањето на Исламската република.
Опозициона веб-страница објави дека униформирани и неуниформирани лица од безбедносните сили патролирале во централен Техеран и реагирале брзо во запирање на антивладините протести. Опозиционите групи јавија за најмалку 30 уапсени.
Антивладините групи велат дека водечките реформски политичари Мехди Каруби и поранешниот претседател Мухамед Катами биле нападнати на собирот.
Исто така се јавува за приведување на Захра Есхраги, внуката на лидерот на Исламската револуција, починатиот Ајатолах Рухола Комеини. Есхраги била приведена заедно со нејзиниот сопруг Мохамед Реза Катами, кој е брат на лидерот на Исламската револуција.
Опозициските извештаи не можат да бидат потврдени од независен извор затоа што Иран забрани медиумско покривање од странски медиуми.
Претседателот Махмуд Ахмадинеџад им се обрати на стотици илјади лица кои се собраа на главниот плоштад во Техеран Азади да го прослават националниот празник.
Во неговото обраќање, Ахмединеџад ги поздрави достигнувањата на иранскиот народ, го критикуваше Западот, и најави дека иранските научници го произвеле првото количество на нуклеарно гориво со висока чистота.