Линкови за пристапност

Преку 500 неексплодирани средства извадени од Охридското Езеро


Преку 500 неексплодирани средства извадени од Охридското Езеро
Преку 500 неексплодирани средства извадени од Охридското Езеро
<!-- IMAGE -->

Во Охрид продолжува акцијата за извлекување на експлозивни направи од дното на езерото. Се работи на неколку локации во близина на Охрид и на една во туристичката населба Пештани. Најголемиот дел од извлеченото се артилериски гранати од Првата и Втората светска војна.

Познавачите велат дека при повлекувањето од фронтот кај Кајмакчалан, стотици сандаци со артилериски гранати биле фрлени во езерото.

Во акцијата се вклучени две специјално обучени нуркачки екипи од по тројца нуркачи и по двајца пиротехничари со меѓународни лиценци. Во водите на езерото ќе се бараат неексплодирани убиствени средства, најави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу,

„Вкупното количество на вакви средства ќе се знае на 19 февруари, кога и ќе го соопштиме на прес-конференција. Инаку, муницијата не е од поново време, туку од Првата и Втората балканска војна,” рече Салиу.

Според пиротехничарот Љупчо Зајковски, олеснителна околност е што неексплодираните средства се добро зачувани во езерото.

„Осигурувачите на нив не се за'рѓани, така што не мора да ги уништуваме на лице место, туку можеме да ги транспортираме на одредено место и да ги уништиме,“ појасни Зајковски.

Игор Детела од словенечката ИТФ вели дека уште пред три години во Охридското Езеро се лоцирани 17 сандаци со ваквите средства:

„Пред 4 години со ваква иста акција извадивме 96 тони неексплодирани средства во Бока Которска. Оружјето се наоѓаше на длабочина од 4 до 36 метри“, коментира Детела.

Заменик-директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Екрем Зендела, уверува дека акцијата ќе биде 99 проценти успешна, како по изваденото количество, така и по безбедноста на луѓето.

Досега се извлечени повеќе од 500 парчиња што се складираат во посебно депо, за подоцна да бидат уништени.

XS
SM
MD
LG