Вицепремиерот Васко Наумовски и пратениците Александар Спасеновски, Андреј Петров и Сулејман Рушити за време на Молитвениот појадок во Вашингтон добиле уверување дека и натаму продолжува американската поддршка за евро-атланските интеграции на Македонија.
„На овие средби првенствено разговараме за европските интеграции на Македонија, при што беа опфатени сите аспекти. На тие средби беше потврдена поддршката од САД за остварување на врвните национални приоритети на земјата, како и взаемното уверување дека билатералните односи меѓу Македонија и САД ќе бидат продлабочени“, изјави вицепремиерот Васко Наумовски.
„Администрацијата на САД со големо пријателство гледа на Република Македонија, независно што се чини дека Македонија не е еден од врвните приоритети на оваа администрација. Меѓутоа тие нудат своја помош, пријателска поддршка за проблемите што ги имаме. Секаде наидовме на искрен однос, вели Андреј Петров од СДСМ.
Американскиот претседател Барак Обама годинава на Молитвениот појадок стави акцент на враќањето на цивилниот тон во политиката. Според соговорниците, искуствотото од ваков настан е огромно:
„Се реафирмираат моралните, политичките и религиските вредности кои се важни за секојдневната политика. Со самиот факт што на Молитвениот појадок имаше претставници од над 180 држави во светот, од различни вери, сметам дека целта е да хуманизира политиката, оцени Сулејман Рушити од Нова демократија.
„Претставува огромно задоволство констатацијата дека независно дали станува збор за политичари кои припаѓаат на левицата или десницата во САД, сите негуваат искрена симпатија за Република Македонија. Сите искрено го поддржуваат европските пат на Македонија и прават се` што е во рамки на нивната можност да го поткрепат таквиот пат на државата“, вели Александар Спасеновски ВМРО-ДПМНЕ
Македонските пратеници годинава ја искористија посетата и за средби со членови на Конгресот и на Сенатот.
<!-- IMAGE -->