Линкови за пристапност

Нова загриженост за радијацијата при компјутерска томографија


Нова загриженост за радијацијата при компјутерска томографија
Нова загриженост за радијацијата при компјутерска томографија

Неодамна во медиумите во САД се појавија тврдења дека некои пациенти при скенирање со компјутерска томографија биле изложени на непотребно голема радијација, опасна по животот.

Компјутерската томографија е метода што често се користи за дијагностицирање на рак. Изложува на многу поголема доза на радијација од рентгенот. Според експертски извештај од 2007-ма, годишно во САД се вршат најмалку 62 милиони скенирања. Четири милиони од нив се на деца, кои се 10-пати поранливи на радијација.

Неодамнешни истражувања ја рефлектираат растечката загриженост за ризикот по пациентите од зголемена радијација при компјутерска томографија.

Доктор Ребека Смит-Биндман од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско раководела со истражување врз преку илјада пациенти. Некои од нив примиле 20 пати поголема радијација од другите за време на томографијата, а за иста состојба.

„Нема стандарди што ќе кажат – ова е дозволено. Не е. Нема контрола во оваа област“, смета Смит-Биндман.

При скенирањето со компјутерска томографија, радиологот решава за потребното ниво на радијација. Медицински физичар го калибирира скенерот. Но, никаде на екранот не стои колкава радијација примил пациентот.

Членовите на Американското здружение за радиологија се загрижени поради проблемот. Портпарол наведува дека томографијата често се употребува во приемните одделенија за итни случаи, бидејќи резултатите може да се прочитаат побрзо од другите тестови, како ултразвукот и магнетната резонанца, што не користат радијација.

Експертите советуваат, прашајте го лекарот дали е воопшто потребен тест со радијација, а доколку е - колкава? Имаат порака и за лекарите – дали зададената доза радијација е точна?

XS
SM
MD
LG