Американскиот претседател Барак Обама никогаш немал повеќе надеж за иднината на САД отколку синоќа. Тој ова го рече на своето прво обраќање пред Конгресот за состојбата во која се наоѓа нацијата. Иако тој се имаше обратено пред Конгресот три пати пред тоа, тоа официјално не потпаѓа под категоријата на овој годишен говор се` додека претседателот не направи една година на функцијата.
„И покрај тешкотиите низ кои минуваме, нашата унија е силна", рече Обама. „Ние не се откажуваме. Ние не креваме раце. Ние не дозволуваме стравот и поделбите да ни го скршат духот. Во оваа нова деценија време е американскиот народ да добие влада што е соодветна на нивната чесност и која е одраз на нивната сила".
<!-- IMAGE -->„А сето тоа почнува со економијата", рече Обама и со тоа го започна најголемиот дел од својот говор во кој наброја многу тешки предизвици пред кои се наоѓа Америка денес и даде многу уверувања дека напредок за оваа земја не само што е можен, туку тој нема да прифати ништо помалку од Америка на прво место, Америка – лидер.
„Ги намалуваме даноците", рече Обама, „за 95 проценти на работните семејства. За оние кои прв пат стануваат сопственици на дом, за малите бизниси, за родителите кои се обидуваат да се грижат за своите деца, за осум милиони Американци кои плаќаат за колеџ".
Овие успеси, што тој ги припиша на Актот за опоравување, тој ги поврза со проблемот број еден во САД денес – невработеноста.
„Работните места мора да се наш фокус во 2010, и затоа јас вечерва предлагам нов закон", рече тој. Предложи земање 30 милијарди од парите што банките на Вол Стрит ги вратија, да се употребат за помагање на банки на заедниците, за давање кредити на малите бизниси за овие да останат солвентни.
Обама зборуваше за „вработување на Американците денес за утрешна инфраструктура". Зборуваше за „сериозна финансиска реформа", „за потребата да се охрабрува иновативноста на Американците".
Меѓу неговите поенти беше потребата за поголем американски извоз и инвестирањето во вештината и образованието на народот, преку подобрување на образованието, особено во основното и средното училиште. Обама кажа дека не се откажува од реформата на здравствената заштита , што на крајот би го намалила буџетскиот дефицит. Оттука мина на објаснување на кои други начини има намера да го намали дефицитот што сега е над еден трилион, а за следната деценија се очекува да се зголеми на осум трилиони.
„Почнувајќи од 2011 подготвени сме да го замрзнеме владиното трошење за наредните три години", рече Обама.
<!-- IMAGE -->Последниот дел од говорот на американскиот претседател беше посветен на војните, на еднаквоста според Уставот, на силата што доаѓа од диверзитетот, на имиграционата реформа.
„Јас водев кампања на ветувањето за промена.Знам дека има многу Американци кои не се сигурни дека сеуште веруваат во промена, или дека јас можам да ја донесам. Но јас никогаш не реков дека таа промена ќе биде лесна, ниту дека јас тоа можам да го сторам сам. Единствената причина што ние сме тука е што Американците никогаш не се плашеле да го направат тоа што е тешко, тоа што треба, дури и кога резултатот е неизвесен". Духот што ја одржа оваа нација повеќе од два века продолжува да живее во вас, во народот", рече Обама.
„Завршивме тешка година. Минавме низ тешка деценија, но доаѓа нова. Ние не се откажуваме, ќе почнеме одново, ќе го продолжиме сонот, и ќе ја зајакнеме нашата унија уште еднаш", беа зборовите на претседателот Барак Обама на крајот на годишното обраќање пред нацијата.