Линкови за пристапност

Барак Обама се подготвува за годишното обраќање до нацијата во Конгресот


Американскиот претседател Барак Обама се подготвува за редовното годишно обраќање до нацијата во американскиот Конгрес во време на политички превирања во Вашингтон. Големо е незадоволството меѓу гласачите, а победата на Републиканците во борбата за испразнетото сенатско место во Масачусетс предизвика шокираност во редовите на Демократската партија.

Официјални лица од Белата куќа велат дека го разбираат незадоволството кај гласачите. Вишиот политички советник Дејвид Акселрод, рече дека претседателот Обама бил принуден да презеде непопуларни мерки за справување со економската криза која се покажала многу полоша отколку што се предвидуваше пред да ја презеде власта.

Дејвид Акселрод рече дека го предупредил претседателот дека најверојатно ќе уследи пад на неговата популарност меѓу гласачите:
„Пред година дена му реков – претседателе, бројките за вашата поддршка значително ќе се влошуваат во иднина бидејќи не може да се справувате со економски прашања во време на големо незадоволство меѓу граѓаните“.
Акселрод за телевизиската емисија „Оваа недела“ на Еј-Би-Си рече дека верува оти претседателот направил вистинска работа:
„Не се сомневам. Мислам дека историјата ќе покаже дека претседателот на САД бил одговорен“.
За емисијата „Средба со медиумите“ на Ен-Би-Си, лидерот на Републиканците во американскиот Сенат Мич Меконел, рече дека анкетите покажаа дека победата на Републиканците за сенатското место во Масачусетс во најголем дел е поради незадоволството со реформата со здравствената заштита:
„Американскиот народ извојува победа во Масачусетс. Тие ни испратија порака – запрете ја реформата и почнете одново“.
Еден од главните советници на претседателот Обама, Валери Џарет, јасно стави до знаење дека претседателот нема да се повлече од зацртаното:
„Претседателот ќе продолжи да работи за американските народ. Нема да се откаже од плановите поради едни избори во Масачусетс“.
Фокусот за време на годишно обраќање до нацијата во американскиот Конгрес во среда на претседателот Обама ќе биде дека прави големи напори неговата политика да направи промени во животот на Американците на подобро – особено кога станува збор за отварање нови работни места, најави неговиот советник Валери Џарет.

XS
SM
MD
LG