Американскиот претседател Барак Обама бара построги регулативи за најголемите американски банки и кредитни институции. Иницијативата би овозможила да се ограничи нивната големина и контролира колкав ризик може да преземат. Целта, според Обама, е да се избегне нов банкарски колапс како оној минатата година, што ја опустоши американската економија.
По повеќегодишната пракса на соединување на банките во поголеми корпорации, претседателот бара легислатива што би спречила таква консолидација во иднина, со образложение дека сака да избегне колапс на само една таква голема финансиска компанија да наштети на целата економија.
„Никогаш повеќе американските даночни обврзници да не бидат заложници на банка која е толку голема што не може да си дозволи колапс“, рече Обама во четвртокот, во обраќањето посветено на ситуацијата во банкарскиот систем.
Тој сака и да забрани на финансиско тргување на големите банки што е само за нивна корист. Праксата, позната како „сопствено тргување“, во основа го префрла ризикот на даночните обврзници, додека банките остваруваат профит.
„Последниве години, премногу финансиски компании ги изложија парите на даночните обврзници на ризик со вакво тргување и со опасни инвестиции за да остварат брз профит. Компаниите преземаа ваков ризик додека истовремено уживаа привилегии резервирани само за банките“, рече Обама.
Пол Вокер, поранешен претседавач на Федералните резерви а сега советник на Обама, предложи претседателот да заземе построг став кон големите финаниски компании. Обама затоа својата иницијатива за построга рестрикција на ризичното однесување ја нарекува - Вокерово правило.
„На банките повеќе нема да им биде дозволено да поседуваат, инвестираат или спонзорираат привилегирани фондови или пак да се впуштаат во `сопствено тргување` за свој профит, без никаква врска со давањето на услуги на своите муштерии“, кажа Обама.
Претседателот бара Конгресот да ги внесе овие одредби во легислативата за финансиска реформа што веќе мина во Сенатот, а сега е на дневен ред на Сенатот.
Ова е третпат во текот на последните седум дена Обама да предложи построги финансиски регулативи. Претходно побара 50-тина од најголемите банки во земјата да платат надоместок за да помогнат да се вратат парите од даночните обврзници што владата ги употреби за да им помогне на финансиските институции да избегнат колапс. Неделава, пак, Обама им порача на законодавците во Конгресот дека финансиската реформа треба да вклучи основање на независна агенција за заштита на потрошувачите.