Американскиот секретар за одбрана ги разувери пакистанските армиски лица дека САД немаат намера да го контролираат нуклеарното оружје на Пакистан, и не сакаат ниту еден „милиметар од пакистанската територија“.
Роберт Гејтс исто така рече дека САД се обидуваат да ги зајакнат врските со пакистанските воени лидери и да стават крај на, како што рече, дефицитот на меѓусебна доверба, што ја обременува соработката против екстремизмот.
Гејтс зборуваше на државниот универзитет за одбрана - најпрестижната воена академија во Пакистан.
Во четвртокот, секретарот за одбрана најави дека САД може да го снабдат Пакистан со неколку беспилотни летала кои ќе им помогнат да ја интензивираат борбата против милитантите долж границата со Авганистан.
Официјални воени лица подоцна потврдија дека веќе се одвоени 12 беспилотни летала за потребите на пакистанската армија.