Американската армија јави дека повторно го отворила тешко оштетеното пристаниште во главниот град на Хаити што ќе помогне во забрзување на доставувањето помош за жртвите од минатонеделниот земјотрес.
Командантот на јужната американска команда, генералот Даглас Фрејзер, рече дека на пристаништето ќе бидат примени 150 контејнери. Капацитетот на пристаништето од петок ќе се зголеми на најмалку 250 контејнери дневно, кога пристигнуваат комерцијални бродови.
Генералот Фрејзер рече дека повеќе од 1400 летови се на листата на чекање да слетаат во Порт-о-Принс. Тој рече дека е отворен друг аеродром во градот Џакмел и два други во Доминиканската република, но пристапните патишта и натаму се неподобни.
Спасувачките екипи велат дека имаат напредок во доставување храна и вода до преживеаните, но бројката на починати може да се зголеми поради заразите и тешките повреди.
Властите во Хаити проценуваат дека земјотресот погодил 3 милиони лица – околу една третина од населението во најсиромашната земја на Западната хемисфера. Се верува дека загинале 200.000.