Хуманитарни работници наведуваат дека пристига се` поголема помош за погодените од минатонеделниот катастрофален земјотрес во Хаити, но подвлекуваат дека нејзиното распределување се` уште оди споро. Помошта засилено пристига во земјата со подобрување на патниот и водниот сообраќај.
Извршниот директор на Светската програма за храна на ОН Жозет Ширан четвртокот треба да пристигне во днодневна посета на Хаити за да изврши проценка на ситуацијата и да се сретне со владини и хуманитарни лица.
Спасувачите и натаму вадат преживеани од урнатините во главниот град Порт-о-Пренс, додека телата на загинатите се погребуваат во масовни гробници.
4.000 маринци и морнари, специјализирани за истоварување во близина на крајбрежје, наместо да бидат распоредени во други делови на светот како што претходно било планирано, ќе бидат пренасочени за Хаити да помогнат во ублажување на последиците од земјотресот, најавија американски армиски претставници. Слична единица веќе започна да се распоредува на брегот западно од Порт-о-Пренс. Со новите сили, бројот на американски војници на Хаити ќе нарасне на 14.000.
САД испратија и специјално пловило за расчистување на урнатините во главното пристаниште во Порт-о-Пренс, што спречуваа поголемите бродови да достават храна, вода и друга итна помош.
Последователен силен земјотрес средата го погоди Хаити, срамнувајќи со земја дел од зградите што беа оштетени од минатонеделниот потрес од 7 степени. Жителите во паника истрчаа на улиците. Земјотресот беше почувствуван и на морнаричкиот брод Ју-Ес-Ен-Ес Комфорт, што пристигна средата и започна да прима преживеани на лекување.
Претседателот Барак Обама за ТВ-мрежата Еј-Би-Си изјави дека САД не можат да си дозволат да ги игнорираат неволјите во Хаити. Обама воедно подвлече дека Вашингтон сака да избегне претстава дека со хуманитарниот напор се обидува да преземе контрола врз карипската земја.
Властите во Хаити проценуваат дека земјотресот погодил 3 милиони лица – околу една третина од населението во најсиромашната земја на Западната хемисфера. Се верува дека загинале 200.000.