Претседателот Обама поднесе заклетва на функцијата пред една година со голема поддршка во јавноста, со што отвори ново поглавје во американската историја како прв афро-американец претседател на САД.
Неговата порака за промени, во домашните и во меѓународните прашања, ги придоби американските гласачи. Повеќе од еден милион луѓе присуствуваа на неговата инаугурација на 20-ти јануари 2009-та.
Но, по една година, почна да опаѓа неговата поддршка во јавноста и тој се соочува со противење за неговата домашна агенда – особено за начинот на заживување на економијата и усвојувањето на реформата во здравствениот сектор. Дури и најлојалните приврзаници изразија разочарување за неговиот компромис во реформата за здравствената заштита и одлуката да испрати дополнителни 30.000 американски војници во Авганистан.
Тој се соочува со уште поголеми предизвици – најлошата економска криза уште од времето на Големата депресија, растечката закана од Ал-Каида и меѓународниот тероризам и влошувањето на состојбата во Авганистан. Тој нареди затварањето на притворниот центар во Заливот Гвантанамо за една година, но рокот е продолжен.
На меѓународна сцена, Обама се соочува со бројни прашања: војните во Ирак и во Авганистан, нуклеарните прашања на Иран и Северна Кореја, почитувањето на човековите права, противракетниот одбранбен штит и климатските промени. Тој се заложи за нови односи меѓу САД и една милијарда Муслимани ширум светот.
Во декември во Осло, Обама ја прими и Нобеловата награда за мир.
Последните анкети покажуваат дека претседателот има
одобрување на работата од 48 проценти, што е пад на популарноста од нивото на
63 отсто која ја имаше по стапувањето во Белата куќа.